• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ ја поддржува саудиската иницијатива за решение со две држави за Израелците и Палестинците

ЕУ ја поддржува саудиската иницијатива за решение со две држави за Израелците и Палестинците

Брисел, 27 септември 2024 (МИА) - Европската Унија го поддржува напорот за наоѓање решение за блискоисточниот конфликт преку формирање две држави – една за Израел и една за Палестина, соопшти портпарол на Европската комисија на прес-конференција, одговарајќи на прашање во однос на најновата иницијатива на Саудиска Арабија претставена во ОН.

Алијансата предводена од Саудиска Арабија има за цел да создаде услови за обновување на преговорите меѓу Израел и Палестина, истакна портпаролот.

Претходно денеска, Саудиска Арабија ја претстави Иницијативата.

- Денеска, во име на арапските и исламските нации, заедно со нашите европски партнери, го најавуваме лансирањето на Меѓународниот сојуз за спроведување на решението со две држави. Ве покануваме да се приклучите на оваа иницијатива,изјави саудискиот министер за надворешни работи, Фаисал бин Фархан, на министерскиот состанок посветен на палестинското прашање и напорите за мир.

Зборувајќи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, тој не даде дополнителни детали за сојузот, но ја потенцираше важноста на таков меѓународен напор.

Фаисал ја осуди „катастрофалната хуманитарна криза“ предизвикана од војната во Газа и „сериозните прекршувања што ги извршуваат израелските окупаторски сили на Западниот Брег“.

Тој ги опиша овие дејства како дел од „поширока политика на окупација и насилнички екстремизам.“

- Правото на самоодбрана не може да го оправда убиството на десетици илјади цивили, систематското уништување, присилното раселување, користењето на гладта како оружје во војната, поттикнувањето на омраза, дехуманизацијата или користењето на систематска тортура, вклучувајќи сексуално насилство и други документирани злосторства според извештаите на Обединетите нации, изјави тој.

За ескалацијата на насилството во регионот, вклучително и постојаните напади на Израел врз Либан, Фаисал предупреди на можен поширок конфликт: „Сведоци сме на опасна регионална ескалација која го зафаќа нашиот братски народ Либан и заканува да запали регионална војна која ќе го загрози нашиот регион и целиот свет.“

Фаисал повика на „итно запирање на тековната војна и сите прекршувања на меѓународното право.“

Тој исто така ја доведе во прашање веродостојноста на меѓународниот систем, велејќи: „Мораме да се запрашаме што останува од веродостојноста и легитимитетот на глобалниот поредок кога стоиме немоќни да ја запреме воената машина, додека некои инсистираат на селективна примена на меѓународното право во очигледно кршење на најосновните стандарди за еднаквост, слобода и човекови права.“

Саудискиот министер повтори дека воспоставувањето на независна палестинска држава е фундаментално право и основа за мир, а не само конечен резултат за кој треба да се преговара во далечен политички процес.

Ги поздравуваме земјите кои неодамна ја признаа Палестина и ги повикуваме сите нации да покажат храброст и да го направат истиот чекор, приклучувајќи се на меѓународниот консензус кој го претставуваат 149-те земји што веќе ја признаа Палестина, изјави тој. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан