• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ: Сенегал треба да ги гарантира основните слободи

ЕУ: Сенегал треба да ги гарантира основните слободи

Брисел, 11 февруари 2024 (МИА) – Европската Унија денеска ги повика властите во Сенегал да ги гарантираат основни слободи. Апелот беше упатен по смртта на трето лице во земјата од почетокот на протестите против одложувањето на претседателските избори во Сенегал.

- ЕУ изразува сочувство до семејствата на починатите и ги повикува властите да ги гарантираат основните слободи, напиша портпаролка на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, Набила Масрали на платформата Икс.

Претседателот на Сенегал, Меки Сал неодамна ги одложи претседателските избори првично закажани за 25 февруари. Тоа одложување предизвика незадоволство кај опозицијата и кај граѓаните кои излегоа на улица да протестираат. Протестите беа задушени, при што се убиени три лица, а десетици луѓе беа уапсени.

Опозицијата повикува на „уставен удар“ и се сомнева дека изборите се одложени поради страв дека ќе биде поразен кандидатот што претседателот на Сенегал го именуваше за негов „наследник“, бидејќи тој самиот се повлече од кандидатурата.

Парламентот објави дека изборите се одложени до 15 декември оваа година и, исто така, гласаше за задржување на Сал на власт додека новиот претседател не ја преземе функцијата, што веројатно би можело да се случи на почетокот на 2025 година.

Вториот и последен мандат на претседателот Сал истекува на 2 април. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан