• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ повикува на депортација на илегалните мигранти

ЕУ повикува на депортација на илегалните мигранти

Брисел, 15 март 2023 (МИА) - Европската Унија ги повика земјите-членки да депортираат повеќе мигранти кои илегално ги преминуваат нејзините граници и кои немаат право да останат.

-Минатата година стапката на враќање на лицата кои немаа право на престој беше само 21 процент. Неуспехот да се вратат луѓето го успорува нашиот систем и ја поткопува довербата во него, рече комесарката за внатрешни работи на ЕУ Илва Јохансон.

Таа додаде дека минатата година во земјите на ЕУ биле донесени 340.000 решенија за депортација, но дека во само 60 отсто од случаите европските власти се обиделе да стапат во контакт со матичните земји на мигрантите за да ги вратат.

-За да го заштитиме правото на барање азил, мораме да покажеме дека на соодветен начин постапуваме со оние кои не ги исполнуваат условите да уживаат меѓународна заштита. Ни треба миграција, но таа мора да се одвива легално и уредно, рече таа.

Пристигнувањето на повеќе од милион мигранти во 2015 година, главно оние кои бегаа од војната во Сирија или Ирак, предизвика една од најголемите политички кризи во ЕУ.

Јохансон рече дека агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ е „опремена“ да организира летови за депортација и ги повика државите на ЕУ да го искористат тоа. ссм/

Остани поврзан