ЕУ нема да брза со признавање на талибанската власт
- Европската унија ќе треба да воспостави односи со талибанците, но нема да брза официјално да ја признае исламистичката група како нови лидери на Авганистан, изјави високиот европски функционе
Брисел, 1 септември 2021 (МИА) - Европската унија ќе треба да воспостави односи со талибанците, но нема да брза официјално да ја признае исламистичката група како нови лидери на Авганистан, изјави високиот европски функционер Гунар Виганд.
Тој истакна дека официјалните односи можат да започнат дури кога талибанците ќе исполнат низа услови, вклучувајќи почитување на човековите права и отворање на Авганистан за хуманитарните организации.
- Нема сомнеж, ниту меѓу земјите на ЕУ, ниту во контекст на Г7. Треба да воспоставиме однос со талибанците, треба да комуницираме со нив, треба да влијаеме врз талибанците, треба да ја искористиме моќта што ја имаме, нагласи Виганд, нагласувајќи дека „нема да брзаме да ја признаеме оваа нова група, ниту ќе воспоставиме официјални односи“.
Виганд изјави дека е нејасно дали талибанците ќе можат ефикасно да владеат, но за ЕУ клучен услов за официјални односи ќе биде воспоставување инклузивна и репрезентативна преодна влада. Талибанците се уште не назначија нова администрација или не открија како имаат намера да владеат, две недели откако ја презедоа контролата врз главниот град Кабул.
Тој, исто така, наведе дека дополнителни услови за признавање на талибанците ќе бидат овозможување слободно заминување на Авганистанците од земјата, воздржување од одмазда кон оние што им помогнале на странските сили или странски влади и спречување Авганистан да стане нов рај за терористите. гт/