• понеделник, 23 декември 2024

Еурофарм Пелистер го совлада Вардар 1961 во ракометното дерби

Еурофарм Пелистер го совлада Вардар 1961 во ракометното дерби

 

Битола, 10 февруари 2024 (МИА) – Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер остана во трка за одбрана на титулата, откако вечерва пред своите гледачи во Битола го совлада Вардар 1961 со 27-21 (10-10) во големото македонско ракометно дерби.

Дуелот од воведното коло во плејофот во Суперлигата во преполната сала „Боро Чурлевски“ донесе израмнет ракомет во кој двете екипи се менуваа во водство до 40-та минута, кога при водство на Вардар од 12-11, битолскиот состав влезе во серија од 8-2 и седум минути подоцна мина во водство од 19-14.

Битолскиот тим умешно ја сочува предноста до крајот на натпреварот за втора победа сезонава над големиот ривал во битката за титулата, откако Еурофарм Пелистер го совлада Вардар 1961 во октомври лани во Битола во регуларниот дел од сезоната со 29-25. На првиот меѓусебен дуел, пак, Вардар триумфираше во Скопје во септември со 30-25.

Најефикасен вечерва во редовите на Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со осум голови, додека голманот Урбан Лесјак запиша седум одбрани, од кои две интервенции во серија во последниот напад на гостинскиот тим.

Матија Николиќ со пет голови беше најефикасен ракометар на Вардар 1961.

По воведното коло во плејофот на табелата води Алкалоид, кој претходно денеска славеше гостинска победа над Тинекс Пролет со 22-17. ег ФОТО: РК Еурофарм Пелистер/Фејсбук

Остани поврзан