• вторник, 26 ноември 2024

„Еуроп Ред" со донација за ООУ „Јоаким Крчовски" пристигна во Крива Паланка

„Еуроп Ред
Крива Паланка, 11 август 2022 (МИА) - Француските авантуристи од „Еуроп Ред" со караван од околу триста возила пристигнаа во Крива Паланка, единствениот град во кој се задржуваат во нашата држава на своето 22- дневно патување низ Европа. Во организација на Општина Крива Паланка и основното општинско училиште „Јоаким Крчовски" француските граѓани беа угостени и дочекани со пригодна програма во училишниот двор, во знак на благодарност за донацијата што ја оставија, близу 3.000 килограми училишни материјали, спортска опрема, канцелариски материјали и друго. На настанот присуствуваа: Емануел Гардиј, вршител на должност во Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија, делегација од Општина Крива Паланка, градоначалникот Сашко Митовски и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, директорот на ООУ „Јоаким Крчовски",  Дане Петровски како и Бенжамин Леден и Жереми Бланден, претседатели и организатори на „Еуроп Ред“.                                                       - Ја поздравувам идејата и вашата мисија да патувате низ Европа со хумана и благородна цел, радувајќи ги младите франкофони во духот на меѓународната солидарност, донирајќи училишна и спортска опрема. Радува фактот што вторпат сте гости на нашиот град, како единствена дестинација во нашата држава и што токму основното училиште „Јоаким Крчовски“ ја има можноста да добие донација. Сето тоа е благодарение на достигнувањата кои ги имаат учениците по француски јазик од ова училште, со заложбите на професорката Елена Николовска, и во оваа прилика сакам да им честитам, охрабрувајќи ги да продолжат со изучувањето на францускиот јазик, кој по англискиот со 77 отсто, е втор најизучуван јазик кај децата во Европската Унија, со дури 32 отсто застапеност. Посакувам пријатен престој во нашиот град, општината заедно со останатите институции од градот овозможи услови и подготвивме добра атмосфера за да се чувствувате пријатно и да уживате во убавините на нашиот град, им порача во обраќањето градоначалникот Митовски. Професорката по француски јазик од ООУ „Јоаким Крчовски", Елена Николовска, чиишто заложби и достигнувања во областа на франкофонијата се иницијална точка за оваа посета и соработка, им се заблагодари на гостите за донацијата и мотивацијата на учениците да продолжат со изучување на францускиот јазик. - Донесовме донација од околу 3000 килограми училишни материјали, собрани од францускиот народ, во маркетите и училишта.Задоволство е повторно да сме тука, ни помогнаа, општината и училиштето.Благодарност до општината и амбасадата, среќни сме да може да донираме но и да сме ваши гости и да уживаме, порача Бенжамин Леден, еден од организаторите на "Еуроп Ред". На градскиот стадион вечерва е организирана забава, а гостите ќе се стационираат и ќе кампуваат на оваа локација,пред утрешниот пат кон соседна Бугарија.ид/лв/

Остани поврзан