• вторник, 24 декември 2024

ЕСА ќе изврши тест со вештачко помрачување на Сонцето

ЕСА ќе изврши тест со вештачко помрачување на Сонцето

Париз, 17 април 2024 (МИА) - Европската вселенска агенција - ЕСА ја почна програмата „ПРОБА-3“ со што ќе се обиде да изврши тест со вештачко затемнување на Сонцето. Ова е прв ваков научен потфат во историјата.

Во рамките на оваа мисија, би требало да бидат поставени два сателити што ќе ја проучуваат Сончевата Круна, односно надворешниот слој гасови што ја опкружува нашата најблиска ѕвезда, што ќе овозможи нови научни сознанија. Најголемиот предизвик е високата прецизност што проектот ја бара, а искуството што ќе го стекне ЕСА во рамките на оваа мисија ќе се користи за идните вселенски патувања и потфати.

Сателитите се склопуваат во Белгија, од каде што ќе бидат преместени во Индија и ќе бидат испратени во Земјината Орбита во септември оваа година.

Вселенските летала „Коронаграф“ и „Окултер“ ќе бидат поставени во формација чија прецизност се мери во милиметри, а на првично меѓусебно растојание од 144 метри. Вреди да се напомене дека затемнувањето предизвикано од сателитите нема да биде видливо на Земјата.

„Окултер“ ќе лета поблиску до Сонцето и ќе го блокира дискот, фрлајќи сенка за другиот сателит, на ист начин како што Месечината фрла сенка на Земјата во природното затемнување на Сонцето. Ова ќе му овозможи на „Коронаграфот“ да ја сними Круната, што во нормални, природни околности, е невозможно, поради заслепувачката светлина од Сонцето.

Проучувањето на Сончевата Круна ќе им помогне на научниците да ги предвидат сончевите геомагнетни бури, коишто влијаат на вештачките сателити, на комуникациите и на енергетските мрежи на Земјата.

- Тоа ќе ни помогне подобро да разбереме и многу други работи, како што е потеклото на сончевите ветрови. Сѐ уште има некои прашања на коишто немаме одговори, особено оние кои се однесуваат на бавните ветрови. Бавните ветрови се оние што варираат и не се хомогени и униформни. Сѐ уште не е сигурно од каде доаѓаат, вели Андреј Жуков, истражувач во Кралската опсерваторија во Белгија.

Зборот „ПРОБА“ е англиска кратенка за „Project of Onboard Autonomy" (Проект за достапно самоуправување) и исто така значи и „обид“ на латински и некои други јазици.  си/

Фото: Интернет-страницата на ЕСА, фортоисечок

Остани поврзан