• сабота, 23 ноември 2024

Ерменските власти соопштија дека последните Ерменци со автобус го напуштија Нагорно Карабах

Ерменските власти соопштија дека последните Ерменци со автобус го напуштија Нагорно Карабах

Ереван, 2 октомври 2023 (МИА) - Последниот автобус со бегалци со етнички Ерменци, кои бегаат од Нагорно-Карабах, ја напушти планинската енклава во Азербејџан, изјави денеска портпаролката на ерменската влада во Ереван,Назели Багдасаријан, пренесе ДПА.

Таа кажа дека во Ерменија во последните десет дена се пристигнати 100.514 бегалци, кои се принудени да ги напуштат своите домови во енклавата. 

Багдасаријан додаде дека многу од бегалците имаат проблеми со нивното здравје или биле врзани за кревет. 

-Сите Ерменци кои сè уште се во регионот треба да аплицираат до Црвениот крст, кажа таа.

Азербејџанската влада со денови инсистираше на тоа дека нема основа за бегање и дека жителите ќе бидат интегрирани во согласност со законите на земјата.

Претседателот Илхам Алиев денеска во Баку истакна дека во Азербејџан има повеќе етникуми и религии.

-Живееме како семејство, рече тој, пренесен од локалните медиуми. „Сега дојде време да се создаде слобода на Кавказ“.

Тој претходно најави дека десетици илјади Азербејџанци ќе се преселат во Нагорно Карабах. 

Ерменија ја обвини владата во Баку за етничко чистење.

Азербејџан минатиот месец изведе брза воена офанзива во спорниот регион, принудувајќи ја капитулацијата на самонаречената Република Арцах, која не е меѓународно призната. Нејзините ерменски водачи најавија дека републиката ќе се распушти од почетокот на следната година, потсети германската агенција. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан