• вторник, 24 декември 2024

Ерменија го замрзна членството во Организацијата на Договорот за колективна безбедност

Ерменија го замрзна членството во Организацијата на Договорот за колективна безбедност

Ереван, 23 февруари 2024 (МИА) – Ерменија го замрзна своето членство во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Русија, бидејќи овој сојуз ја изневери земјата, изјави премиерот Никол Пашинјан. 

Пашинјан, исто така, кажа дека Азербејџан, земјата со која Ерменија водеше две војни во изминатите три децении, не се придржува до принципите потребни за склучување на долгорочен мировен договор и посочи дека Азербејџан се подготвува да изврши нов напад.

Пашинјан во интервју за телевизијата Франс 24, што беше  емитувано синоќа, кажа дека ОДКБ, во која доминира Русија, ја изневери Ерменија. 

-Договорот за колективна безбедност не ги исполни своите цели што се однесува до Ерменија, особено во 2021 и 2022 година, кажа Пашинјан преку преведувач. „Сега практично го замрзнавме нашето учество во овој договор. Што се однесува до нашите следни чекори, ние ќе треба да видиме“, додаде тој.

Ерменскиот премиер во интервјуто кажа и  дека во моментов нема разговори за затворање на руската база во Ерменија. Тоа прашање е предмет на различни договори. 

Кремљ денеска соопшти дека Русија планира да контактира со Ерменија и дека и се потребни повеќе детали. 

„Ерменската страна не презеде официјални чекори во врска со тоа“, додадоа оттаму, мислејќи на наводното замрзнување на нејзиното учество во ОДКБ. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан