• понеделник, 23 декември 2024

Ердоган: Протестите на симпатизерите на ПКК ги поткопуваат напорите на Шведска за влез во НАТО

Ердоган: Протестите на симпатизерите на ПКК ги поткопуваат напорите на Шведска за влез во НАТО

Анкара, 5 јули 2023 (МИА) – Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека Шведска ги презела вистинските чекори во однос на нејзиниот влез во НАТО со антитерористичкиот закон, но оти протестите на поддржувачите на курдските милитанти ги поткопуваат тие напори, соопшти кабинетот на Ердоган.

Турското претседателство соопшти дека Ердоган го кажал ова во телефонски разговор со холандскиот премиер Марк Руте. Двајцата државници разговараа во време кога се иницираат прашања за тоа дали Анкара ќе се откаже од своето противење за пристапот на Шведска во НАТО до самитот на земјите-членки во Литванија на 11 и 12 јули.

Шведска и Финска поднесоа барање за влез во НАТО минатата година, отфрлајќи ја политиката на воена неврзаност по руската инвазија врз Украина. Кандидатурите мора да бидат одобрени од сите членки на НАТО, но Турција и Унгарија сè уште не го одобриле шведското барање.

Турција повторува дека Шведска мора да преземе чекори против поддржувачите на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и членовите на мрежата што Анкара ја смета одговорна за обидот за пуч во 2016 година. Турција и двете ги смета за терористички организации.

- Претседателот Ердоган рече дека Шведска ги направи вистинските чекори со измените во антитерористичката легислатива, се вели во соопштението.

- Но, поддржувачите на ПКК, терористичка организација, продолжуваат слободно да организираат протести на кои се величи тероризмот, што ги поништува преземените чекори, рече Ердоган.

Во последниве месеци, демонстрантите во Стокхолм вееја знамиња за поддршка на ПКК, која исто така се смета за терористичка организација од западните сојузници на Турција, вклучително и Шведска.

Шведска вели дека го исполнила својот дел од договорот постигнат со Турција во Мадрид минатата година, насочен кон изнаоѓање решенија за безбедносните проблеми на Анкара, чиј дел беше новиот шведски закон за борба против тероризмот. јт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан