• понеделник, 23 декември 2024

Ердоган во Истанбул го отвори Културниот центар „Ататурк“ на Денот на Републиката

Ердоган во Истанбул го отвори Културниот центар „Ататурк“ на Денот на Републиката
Истанбул, 29 октомври 2021 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска свечено го отвори Културниот центар „Ататурк“ во турската метропола Истанбул, јави агенцијата Анадолија. Говорејќи на отворањето, на 98-годишнината од основањето на Република Турција, Ердоган рече: „Ние се стремиме да го отплатиме нашиот долг кон основачите на нашата република поставувајќи ги нашите цели за 2023 година и работејќи дење и ноќе за да ги постигнеме.“ - Нема да дозволиме никаква пречка, стапица или напад да нè спречи од постигнување на целите што ги поставивме за 100-годишнината од нашата Република, додаде тој и нагласи дека сите уметнички и културни активности во Центарот ќе придонесат за голема и моќна Турција. - Културниот центар Ататурк ќе остане со векови да биде место каде што чука пулсот на културата и уметноста во нашата земја, рече турскиот претседател. Ердоган упати пофални зборови за операта Коџа Синан, која беше специјално компонирана за отворањето, за познатиот османлиски архитект Мимар Синан, чии генијални дела ја одбележуваат територијата на поранешното царство, особено во Истанбул, јави Анадолија. На церемонијата присуствуваа и турскиот потпретседател Фуат Октај, турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за животна средина, урбанизам и клима Мурат Курум, министерката за семејство и социјални услуги Дерја Јаник и министерот за млади и спорт Мехмет Касапоглу. Есента 2017 година Ердоган го објави новиот проект познат по иницијалите на турски јазик АКМ (Atatürk Kültür Merkezi), велејќи дека тој ќе биде симбол на Истанбул. На церемонијата на поставување камен-темелник на културниот комплекс на познатиот плоштад „Таксим“ присуствуваше Ердоган заедно со многу турски актери и уметници. Новата зграда има оперска сала од светска класа со над 2.000 седишта, театарска сала, соби зад сцената и саемски простори. Центарот има и сали за состаноци, административни канцеларии, ресторани и уметнички галерии.

Остани поврзан