• среда, 27 ноември 2024

ЕП бара две милијарди евра повеќе средства во буџетот за 2025 година

ЕП бара две милијарди евра повеќе средства во буџетот за 2025 година

Брисел, 24 октомври 2024 (МИА) - Пратениците во Европскиот парламент во средата го изгласаа ставот за преговори за буџетот за 2025 година, во кој бараат две милијарди евра повеќе од предлогот на Советот на ЕУ.

Европратениците бараат 201 милијарда евра во обврски и 153,5 милијарди во исплати. Европската комисија предложи буџет од 199,7 милијарди во обврски и 152,7 милијарди во плаќања. Советот на ЕУ, кој ги претставува земјите-членки, предлага буџет од 191,53 милијарди евра за обврски и 146,21 милијарди евра за плаќања.

Во септември, Советот гласаше за преговарачка позиција во која предлага 1,52 милијарди евра помалку од предлогот на Комисијата, вклучувајќи помалку пари за истражувачката програма Обзор, за програмата за размена на студенти Еразмус плус, за Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража, Фронтекс.

Откако двете законодавни институции ќе ги изнесат првичните ставови за годишниот буџет, може да започнат преговори кои траат до 18 ноември на полноќ. Вообичаено е земјите-членки да сакаат што е можно помал буџет, а парламентарците секогаш бараат повеќе.

Доколку Советот и Парламентот во т.н. Комисија за помирување не успее да постигне договор, Комисијата мора да поднесе нов предлог буџет. Доколку не се постигне договор до почетокот на финансиската година, се воведува систем на преодни дванаесетини додека не се постигне договор. Во овој случај, одреден износ, кој не смее да надмине една дванаесетина од одобрените буџетски средства за претходната финансиска година, може да се троши секој месец за кое било поглавје од буџетот.

Буџетот за 2025 година е првиот годишен буџет од кој ќе се плаќа камата за враќање на долгот што ја финансира реконструкцијата и закрепнувањето од пандемијата. Трошоците за сервисирање на долгот се очекува следната година да бидат повисоки за 2,6 милијарди евра во споредба со првичните проценки. паг/

Фото: МИА архива

 



 

Остани поврзан