• петок, 05 декември 2025

Епископот Делчевско-каменички г. Марко на прва официјална средба со градоначалничката на Македонска Каменица

Епископот Делчевско-каменички г. Марко на прва официјална средба со градоначалничката на Македонска Каменица

Македонска Каменица, 11 ноември 2025 (МИА) – Епископот Делчевско-каменички, Неговото Преосвештенство г. Марко, денеска оствари прва официјална средба со новоизбраната градоначалничка на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Средбата се одржа во просториите на Општината со цел воспоставување континуирана соработка меѓу локалната самоуправа и Делчевско-каменичката епархија.

Како што информираа од Делчевско-каменичката епархија, во текот на разговорот се отворија теми поврзани со значењето на духовниот и културниот живот во заедницата, како и со можностите за заедничко делување во насока на зацврстување на моралните вредности, социјалната кохезија и поддршката на ранливите категории граѓани.

Епископот Марко истакна дека црковната мисија секогаш е насочена кон доброто на човекот и заедницата, при што нагласи неколку тековни активности на Епархијата — меѓу кои изградба и обнова на храмови, организирање на духовни и образовни настани, како и иницијативи за младите и семејствата. Тој изрази надеж дека локалната власт ќе продолжи да биде партнер во овие процеси и дека преку заемна поддршка ќе се создадат подобри услови за духовен и општествен развој.

Градоначалничката Стаменкова го поздрави изборот на епископот Марко и му посака успех во натамошното водење на Епархијата. Таа нагласи дека Општина Македонска Каменица останува отворена за соработка со сите верски заедници, особено кога станува збор за активности што ги промовираат солидарноста, хуманоста и заедништвото.

-Нашата општина секогаш ќе биде поддржувач на иницијативи кои го обединуваат народот и придонесуваат за духовен и културен напредок. Верувам дека преку заеднички проекти ќе успееме да го унапредиме општествениот живот и да изградиме уште посилна и посложна заедница, рече Стаменкова.

На крајот од средбата двајцата соговорници заеднички констатираа дека Црквата има суштинска улога во општеството - како чувар на духовните вредности, но и како активен фактор во градењето хумано, праведно и прогресивно општество. Изразена беше подготвеност ваквите средби да продолжат и во иднина, со цел конкретизирање на заедничките иницијативи и продлабочување на меѓусебното разбирање. вс/мч/

Фото: Делчевско-каменичка епархија

Остани поврзан