• четврток, 06 март 2025

Елисејската палата демантира дека Макрон планира нова посета на Вашингтон

Елисејската палата демантира дека Макрон планира нова посета на Вашингтон

Париз, 5 март 2025 (МИА) - Елисејската палата денеска соопшти дека не е планирано ново патување на францускиот претседател Емануел Макрон во Вашингтон заедно со британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Ова ја демантираше изјавата на портпаролката на француската влада Софи Примус, која претходно денеска најави дека се разгледува посетата на Макрон на Вашингтон заедно со Стармер и Зеленски, објави Фигаро.

Примус не го прецизираше датумот на патувањето, но рече дека тоа треба да биде „наскоро“.

Предвидено е Макрон да има јавно обраќање вечерва пред самитот во четврток во Брисел, кој ќе биде посветен на европската одбрана.

На 28 февруари, Зеленски се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа. За време на разговорот, во присуство на новинари, дојде до расправија, при што Трамп му кажа на Зеленски дека не ги почитува САД, а потпретседателот Џеј-Ди Венс истакна дека Зеленски заборавил да му се заблагодари на Вашингтон за поддршката за Киев. Прес-конференцијата по нивната средба беше откажана, а потпишувањето на договорот за ретки минерали меѓу Украина и САД не се одржа. Трамп потоа објави на својата социјална мрежа Трут Сошл дека Зеленски покажал непочитување и неподготвеност да го реши украинскиот конфликт по мирен пат. Макрон го посети Вашингтон на 24 февруари кога со Трамп разговараше за решавање на украинскиот конфликт. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан