• вторник, 24 декември 2024

Еленко Миланов: Пресудата за „ТНТ“ е катастрофално напишана

Еленко Миланов: Пресудата за „ТНТ“ е катастрофално напишана

Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Адвокатот на обвинетиот Миле Јанакиески во случајот „ТНТ-рушење на КОСМОС“, Еленко Миланов оцени дека пресудата за овој предмет е катастрофално напишана.

-Станува збор за една катастрофално напишана пресуда која и не можеше да биде поинаку напишана, со оглед на катастрофалното обвинение, истакна Миланов во изјава за медиумите во врска со денешната јавна седница за предметот „ТНТ-рушење на КОСМОС“ во Апелациониот суд Скопје.

Тој посочи дека во конкретниот случај, за овој предмет, има класична пресудена работа во однос на главните извршители, а тоа се Тони Трајковски и инспекторката Елизабета Најдовска.

- Затоа што Судот има донесено за истиот опис, за истите настани, за истиот објект, своја одлука со која што е затворена судска постапка по кривичен предмет, тоа е основ да не може понатаму да се продолжи, изјави Миланов.

Според него, тогашното СЈО, во момент кога постои правосилен обвинителен акт потврден од судија дека е сторено кривично дело - бесправна градба, поднесува обвинение. 

- Во ист момент егзистираат неправосилно обвинение и правосилен обвинителен акт. Неправосилно обвинение за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и правосилно обвинение кое што утврдува дека постојат основи за сомнение дека е сторено кривично дело - бесправна градба, тоа не смее да се дозволи, рече тој. 

Миланов смета дека тоа претставува преседан во судската пракса и неискуство на тогашното СЈО. 

- Доколку сакаат нешто да направат, ќе влезеа во судница ќе изведеа два докази и тогаш ќе се повлечеа и сè ќе беше по закон. Без да се влезе во судница, без да се изведе ниту еден доказ, она што е потврдено од судија на претходна постапка, се повлекува со писмен допис. Зошто, за да опстане ова обвинение. Што е тоа? Повторно, надвор од сите прописи и надвор од Законот за кривична постапка и одредбите од КЗ, постапување на тогашното СЈО, недозволено, појасни Миланов.

Тој потсети на помилувањето за обвинетиот Миле Јанакиевски и барањето од Стразбур нашите судови да одлучат по однос на истото.

- Постои помилување за  Миле Јанакиески и за тие помилувања и самиот суд во Стразбур кажа дека треба да одлучат нашите судови, за да може да тие го испитуваат, а помилувањето не е спорно. Никогаш не е оспорено ниту едно од тие 56 решенија за помилување на кое било лице од претседателот Иванов пред Уставен суд, за тие решенија веќе постојат одлуки на нашите правосудни органи, рече тој.

Адвокатот побара, како што рече, „целата оваа голгота на луѓето, посебно на Миле Јанакиевски, да ја прекинат, затоа што Јанакиевски во овој момент има четири години и десет месеци притвор или домашен притвор“.

Одбраната на денешната јавна седница во Апелација истакна дека во пресудата на Кривичен има повеќе повреди на кривичната постапка и истата е неиздржана.

Жалби за оваа пресуда има поднесено и  ОЈО ГОКК поради погрешно утврдена фактичка состојба, ослободителен дел со предлог апелација да ја преиначи одлуката.

Првото рочиште за овој случај во Основен кривичен суд Скопје беше одржано на 24 јануари 2018 година. Судењето за овој предмет го водеше судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Бурим Рустеми.

Според обвинителниот акт поднесен од поранешното СЈО, во временскиот период од 01.04.2011 година до крајот на 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски, во својство на премиер на Владата и обвинетиот Миле Јанакиевски – министер за транспорт и врски, заеднички со цел да му се одмаздат на оштетениот Фиат Цаноски за неговата политичка одлука, кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичката партија СДСМ, искористувајќи ја нивната реална моќ со умисла го поттикнале обвинетиот Тони Трајковски, тогашен градоначалник на општина Гази Баба, да стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” и да тој ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект Космос што бил граден од оштетениот-инвеститорот оштетениот Фиат Цаноски. ар/дма/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан