• среда, 25 декември 2024

ЕК: Србија и Косово да спречат ескалација и насилство

ЕК: Србија и Косово да спречат ескалација и насилство

Брисел, 27 октомври 2022 (МИА) – За неколку дена стапува на сила одлуката за промена на регистарските таблички во Косово, поради што Европската комисија ги повикува Белград и Приштина да не се впуштат во ескалација, јави дописничката на МИА од Брисел.

Одлуката за промена на регистарските таблички за сите граѓани на Косово, вклучително и Србите, требаше да стапи на сила летово, но беше одложена за 1 ноември откако избувна насилството на границата.

Неколку дена пред применувањето на одложената одлука, Европската комисија повика на смиреност од двете страни.

- Да се спречат чекори кои водат кон ескалација, повика портпаролот за надворешна политика, Петер Стано, додавајќи дека на Србија и Косово им е потребен прогрес во дијалогот за нормализација на односите.

Европската унија работи на тоа да се спречи нов бран на насилството, увери Стано.

- Ескалацијата е спротивна на интересите на народот на двете страни чиј приоритет е да се приближат кон ЕУ, рече портпаролот.

Петер Стано порача дека Брисел е ангажиран „во име на луѓето“ на терен да се обиде да најде решение за ова прашање со табличките кое досега не е соодветно решено, и дека ЕУ работи интензивно со своите партнери за да спречи, како што рече, „непотребна, контрапродуктивна ескалација или, не дај боже, избувнување на насилни акти“.

Во однос на новата српска влада, Европската комисија очекува исполнување на реформите што ги чека ЕУ од Србија, како и „сериозна и искрена“ работа во испорачувањето на потребни задачи за приближување кон ЕУ.

Ова, рече тој, претпоставува и усогласување со одлуките на ЕУ во областа на надворешната политика или во превод „усвојување на европските санкции кон Русија, кон кои Белград засега одбива да се придружи“. тм/паг/

Остани поврзан