• петок, 05 декември 2025

Екстремнодесничарскиот министер Смотрич сака Израел да анектира 82 отсто од Западниот Брег

Екстремнодесничарскиот министер Смотрич сака Израел да анектира 82 отсто од Западниот Брег

Тел Авив, 3 септември 2025 (МИА) - Екстремнодесничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрич сака неговата влада да анектира 82 отсто од територијата на окупираниот Западен Брег, јавува ДПА.

Смотрич денеска овој свој план им го претстави  на израелските новинари. Според него, Палестинците треба да останат под Палестинската самоуправа само во преостанатите 18 отсто од територијата.

Подоцна, додаде министерот, ќе се разгледаат „регионални алтернативни административни решенија“,  без да даде детали за идејата, пренесува ДПА.

Смотрич нагласи дека во иднина не треба да има „никаква палестинска заедница“ која „ќе ги зачувува националните аспирации што се стремат да ги уништат нашите сопствени национални аспирации“, пренесе германската агенција.

Тој го обвини палестинското население на Западниот Брег дека ја поддржува палестинската милитантна организација Хамас и дека бара уништување на Израел.

Осврнувајќи се на плановите на земји како Франција, Белгија и Канада да признаат палестинска држава за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, тој спомена за „француско-исламска конференција“.

Овој „јастреб“ во израелската политика смета дека ова е нова фаза во дипломатските обиди на Палестинската самоуправа,  која за него е „терористичка организација“, да му наштети на Израел.

Министерот и се закани на Палестинската самоуправа, изјавувајќи дека доколку се осмели „да крене глава“ таа ќе биде „уништена, исто како што Израел го уништи Хамас“.

Смотрич го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја свика владата и да донесе „историска одлука“ за анексијата.

Во 1967 година, Израел ја презеде контролата врз Западниот Брег и Источен Ерусалим, каде што сега живеат повеќе од 700.000 израелски доселеници опколени од  околу три милиони Палестинци. Според меѓународното право, тамошните еврејски населби се нелегални. Палестинците ги бараат териториите за своја држава со Источен Ерусалим како главен град, потсети ДПА.сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан