• понеделник, 03 март 2025

Економскиот договор со Украина засега не е на дневен ред, изјави американскиот министер за финансии

Економскиот договор со Украина засега не е на дневен ред, изјави американскиот министер за финансии

Вашингтон, 3 март 2025 (МИА) - Економскиот договор меѓу САД и Украина засега не е на дневен ред, изјави синоќа американскиот министер за финансии Скот Бесант за Си-Би-Ес Њуз.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски и претседателот Доналд Трамп во петокот требаше да потпишат договор што ќе им овозможи на САД пристап до подземните ресурси на Украина.

-Мислам дека треба да видиме дали претседателот Зеленски сака да продолжи, изјави Бесант. „Која е користа од економски договор што ќе биде бесмислен ако тој сака борбите да продолжат? Претседателот Трамп сака мировен договор, продолжи министерот за финансии на САД.

Тој додаде дека „се што требаше да направи Зеленски беше да го потпише овој економски договор и повторно да покаже дека има блиски односи меѓу украинскиот и американскиот народ“.

-Тој избра да го саботира тоа. Значи, договорот повеќе не е на дневен ред. Не во овој момент, рече Бесант.

Пред вербалниот судир меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа, американскиот министер за финансии отпатувал во Украина за да преговара за договорот, забележува ДПА. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан