• сабота, 23 ноември 2024

Еколошка машина за чистење јавни површини доби ЈКП „Солидарност“ од Виница

Еколошка машина за чистење јавни површини доби ЈКП „Солидарност“ од Виница

Виница, 14 март 2024 (МИА) – Јавното комунално претпријатие „Солидарност“ од Виница доби нова еколошка машина за метење и одржување на хигиената на улиците и другите јавни површини во урбаните средини.

Набавката ја реализираше Општина Виница која кофинансираше една третина вредноста на машината, а останатите средства се од Министерството за локална самоуправа, односно преку Бирото за регионален развој. Целата инвестиција чини околу 2,7 милиони денари во бруто износ.

-Се работи за специјализирано возило на електричен погон од програмата „Green machines“ што се напојува батериски и чија најмала брзина при чистењето изнесува околу осум километри на час. Тоа за неколку пати треба да ја зголеми ефикасноста во одржувањето на хигиената, а истовремено ќе овозможи за пократок период да се опфатат поголеми површини. Во план е да се чистат и дел од улиците кои до сега воопшто или многу ретко се метеле, а возилото може да го опслужува само еден работник, истакна Миле Петков, градоначалник на Виница.

Модернизирањето на возниот парк на комуналното претпријатие од Виница ќе продолжи во текот на оваа година со набавка на уште едно специјализирано возило за собирање и транспорт на комунален отпад. За оваа инвестиција одлучуваа граѓаните во рамки на проектниот Форум во заедницата, што заврши во јануари.

Набавката ќе се реализира со грант од УНДП во висина од 50 илјади американски долари, а Општина Виница ќе кофинансира со средства од сопствениот буџет. та/сст/

фото: Општина Виница

Остани поврзан