• сабота, 23 ноември 2024

Екологистите од „Планетум“ заедно со средношколци изработија интерактивна мапа на загадувачи во Општина Струмица

Екологистите од „Планетум“ заедно со средношколци изработија интерактивна мапа на загадувачи во Општина Струмица

Струмица, 13 ноември 2024 (МИА) - Екологистите од „Планетум“ заедно со средношколци од трите средни училишта во Струмица изработија интерактивна мапа на загадувачи во Општината, која се состои од извори на загадувачи детектирани во Општина Струмица и идентификувани по зони на целата територија.

Овие активности беа реализирани во рамки на проектот „Чист воздух, едуцирај, делувај“, кој екологистите го реализираа од ноември лани до август годинава.

Според проектниот координатор, Елизабета Христова, средношколците биле обучувани преку едукација од два експерти од Битола кои им пренеле знаења за заштита од аерозагадувањето во Општина Струмица.

-По извршената едукација самите ученици направија дисеминација на стекнатото знаење на своите врсници и веднаш ја почнаа изработката на интерактивната мапа. „Полнењето“ на мапата се правеше до крајот на самиот проект во периодите на загадување, односно зимскиот период, објаснува Христова.

Според експертите, познато е од каде потекнува загадувањето и затоа треба да се преземат заеднички мерки од државата и од општината кои би биле поврзани со субвенционирање на домаќинствата за да се префрлат на друг вид на затоплување на домовите, од дрва на друг енергенс, односно проблем е големиот процент на влагата во огревното дрво, која според истражувањата дава од 4 до 5 пати повисоки концентрации на ПМ честички во воздухот.

На средношколците им беа доделени сертификати како благодарност за нивното учество во проектот како и апарати за индикативно мерење на загадениот воздух кои покажуваат многу измерени параметри, кои ќе ги користат за мерење на загаденоста секојдневно во своите училишта со што индиректно прават дисеминација на проектот.

Проектот беше поддржан и финансиран од УНДП под покровителство на Шведска. рт/мд/

Фото: ЕД „Планетум“ Струмица

Остани поврзан