• недела, 24 ноември 2024

ЕЕАС: Изградете имунитет на дезинформациите за вакцините

ЕЕАС: Изградете имунитет на дезинформациите за вакцините
Брисел, 18 јануари 2021 (МИА) - Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) укажа на фактот дека вакцините се „одговор на пандемијата на Ковид-19“, и вакцинациите воопшто, „еден од најголемите успеси во областа на јавното здравство“ што придонесе за искоренување многу болести. ЕЕАС посочува и на огромниот број „измами и теории на заговор“ на социјалните мрежи кога станува збор за вакцинациите и ги повикува Европјаните да се „имунизираат“ од дезинформации. „Глобалната пандемија, проследена со она што Светската здравствена организација го нарече „инфодемија“, го поттикна ширењето на дезинформации против вакцинацијата. Вакцините и здравствените проблеми воопшто обезбедуваат плодна почва за сите видови дезинформации. Ова се многу сложени теми кои не охрабруваат да бараме нови информации, а истовремено предизвикуваат емоции, љубопитност, страв, вознемиреност и загриженост. Мешавината на „вести“ и овие чувства помага да се шират невистини скоро шест пати побрзо од вистините“, се наведува во соопштението на ЕЕАС. Затоа, ЕЕАС ги повикува граѓаните да ја проверат веродостојноста на изворот, авторот на пораката и врз основа на што се заснова пораката, кога се среќаваат со информации на социјалните мрежи. „Исто како што вакцините можат да обезбедат имунитет на вируси, вклучувајќи го и Ковид-19, ние  можеме да изградиме имунитет на дезинформации. Хигиената, како што е честото миење на рацете, помага да се заштитиме од Ковид-19, и на ист начин, хигиената на информациите може да го забави ширењето на штетни и погрешни информации, особено на социјалните мрежи“, наведува ЕЕАС. паг/

Остани поврзан