Едно лице загина, неколкумина исчезнати при уривањето зграда во Хаг
- Во експлозија и пожар што утрово резултираа со уривање на зграда во Хаг, Холандија, загина едно лице, три се повредени, а неколкумина се водат како исчезнати, изјави градоначалникот на градот Јан ван Занен.

Хаг, 7 декември 2024 (МИА) - Во експлозија и пожар што утрово резултираа со уривање на зграда во Хаг, Холандија, загина едно лице, три се повредени, а неколкумина се водат како исчезнати, изјави градоначалникот на градот Јан ван Занен.
На прес-конференција, тој посочи дека исчезнатите се веројатно затрупани под урнатините.
- Шансите да ги пронајдеме живи се многу мали, рече градоначалникот.
Причината за несреќата, која се случила околу 6 часот утрово по локално време, засега не е позната. Според првичните информации, се слушнала помала експлозија, по што следела поголема.
Полицијата апелира до сите што забележале сомнителни активности или имаат видео-снимки од местото на несреќата, да се јават со информации.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат дека делот од зградата каде се наоѓале пет станови е целосно разрушен.
Премиерот Дик Шоф изрази шокираност и понуди помош за локалните власти. ссм/
фото: ЕПА