Еднодневна посета на министерот Муцунски во Украина
- Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, престојувал во еднодневна посета на Лвов, каде што учествувал на министерскиот состанок за формирање на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Скопје, 9 мај 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, престојувал во еднодневна посета на Лвов, каде што учествувал на министерскиот состанок за формирање на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска соопштија дека Муцунски бил единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните.

- На состаноците беше потврдена поддршката за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија. Министерот Муцунски ја реафирмираше принципиелната поддршка на нашата држава, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир, се наведува во соопштението.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со своите колеги, оддаде почит на украинските херои на гробиштата „Lychakiv“ во Лвов. цр/ац/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија