• вторник, 24 декември 2024

Една година во Прилеп функционира советувалиште за зависници од коцкање

Една година во Прилеп функционира советувалиште за зависници од коцкање

Прилеп, 26 октомври 2024 (МИА) - Во Прилеп функционира советувалиште за лица зависници од коцкање и обложување. Советувалиштето, кое функционира во рамки на Клубот на лекувани алкохоличари, го посетуваат дванаесетина лица, од кои седум редовно.

Според клиничкиот психолог Јован Велески, кој работи со лицата во советувалиштето, станува збор за релативно млади луѓе, најмладото лице е 22-годишна девојка. Коцкањето има медицинска и социо-патолошка квалификација. 

- Живееме во време во кое слободата на сопствената е една од поважните работи, кога личноста се чувствува слободно и може да троши пари или да располага со имотот во поголема мера како што сака. Меѓутоа, сето тоа треба да има позитивни импликации за околината и социјалното опкружување, без да направи каква било штета на другите. За жал, таа слобода на сопственоста не е добро дефинирана кај нас и тоа предизвикува многу негативни конотации во овие состојби, особено како што се зависноста од коцкање, злоупотребата на пари. Од нашето искуство кое го имаме од последнава година, заедно со примариус д-р Павлина Васкова, еден од националните координатори за болестите на зависности, направивме мала програма како да го регулираме терапискиот дел за лицата кои имаат каква било зависност од коцкањето. Тоа го правиме во склоп на здружението за болести на зависности, изјави Велески.

Во земјава ваквите состојби не се регистрирани како болест, иако според меѓународната квалификација на болести, оваа состојба спаѓа под нарушување на навиките и импулсите.

Во САД, оној што сака да игра на апарати и игри на среќа, се смета дека е негово ексклузивно право, но за да не прави негативни импликации на околината, треба да има месечна заработувачка од 55 000 долари. Во Европа таа сума е околу 36 000 евра месечна заработувачка. Ккај нас не е така поради што многу семејства страдаат зашто нивните членови прават големи непромислени потези.

Во Хрватска и Словенија напреднале во мерките за оваа зависност. На Клиниката која се занимава со зависности во Загреб има групи кои работат групна психотерапија, додека кај нас, во овој момент најбитно е терапијата да е индивидуална и да е дискретна. Некои доаѓаат сами, но, најчесто под притисок на семејството.

- Колку е помлада личноста, толку е поголема интервенцијата на терапијата и на психологот. Може поефектно да се насочи и да се контролира нејзиното однесување. Има четири техники на дејствување, најбитната е онаа на поддршка. Ова го кажувам за стручните лица во земјава да ги охрабрам да почнат да работат со овие категории луѓе, бидејќи овој проблем за брзо време ќе стане многу голем, можеби во рамките на болестите од психотропни супстанции и алкохолизмот, додава Велески.

Тој се надева дека во иднина Прилепската болница ќе ја сфати тежината на оваа зависност и ќе се ангажираат поголем број професионалци кои ќе се носат со овој, не само медицински, туку и социјален проблем.

- За ова е информирана и Комората на психолози на Македонија, а ќе биде информирано и Здружението на психијатри за да може да се направат специјални групи кои ќе се занимаваат со оваа проблематика. Земјите имаат регулатива и политика за овој проблем - да не се даваат брзи кредити за коцкање. САД, на пример, за овој проблем го измислиле Лас Вегас, посочува Велески.

Граѓаните бараат ригорозни контроли и големи даноци за поголемиот број коцкарници, казина и обложувалници. Освен во Прилеп, преку Здружението за броба против зависностите, советувалишта има и во Скопје и во Куманово. ем/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан