„Еднаква“ и ССНМ повикуваат на достоинство во известувањето и за запирање на деградирачките напади кон колешките
- Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска преку соопштение реагираат на начинот на кој некои медиуми и новинари известуваа за трагичниот случај со младата девојка од Косово, која го загуби животот во Тетово на 5 ноември 2025 година.
Скопје, 11 ноември 2025 (МИА) - Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска преку соопштение реагираат на начинот на кој некои медиуми и новинари известуваа за трагичниот случај со младата девојка од Косово, која го загуби животот во Тетово на 5 ноември 2025 година.
- Наместо професионално, етичко и родово сензитивно информирање, сведоци сме на објави кои сериозно ги прекршуваат основните новинарски принципи: користење на предрасуди, откривање на лични податоци и ширење шпекулации за приватниот живот на жртвата. Таквите практики не само што го нарушуваат човековото достоинство, туку ја ревиктимизираат девојката која веќе не може да се одбрани, стои во соопштението.
Изјавата на новинарот Невриј Адеми, дадена за косовски медиум, како што се наведува во соопштението, содржи неосновани тврдења и предрасуди кои претставуваат сериозно прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

- Одговорното новинарство не смее да се темели на гласини и инсинуации, особено кога се работи за трагичен настан и за жртва. Дополнително, длабоко сме загрижени и за нападите и јавниот линч насочени кон новинарката и активистката Рита Бехадини, која стана мета на говор на омраза и деградирачки напади поради нејзините јавни ставови. Нападите врз новинарките и активистите се форма на родово базирано насилство и обид да се замолчи женскиот глас во јавниот простор, се вели во соопштението.
„Еднаква“ и ССНМ ги повикуваат медиумите и новинарите во Северна Македонија, Косово и Албанија да ги почитуваат професионалните стандарди и новинарската етика, особено при известување за жртви и чувствителни случаи.
- Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите на Македонија да ги разгледаат прекршувањата и да преземат соодветни мерки. Јавноста да покаже достоинство и емпатија кон семејството на жртвата, без ширење на сензационализам и родови предрасуди. Новинарството е средство за информирање и осветлување на вистината, а не за поттикнување предрасуди. Зборовите имаат тежина и во рацете на еден новинар тие треба да бидат средство за правда, а не за штета и сензација, се наведува во соопштението од „Еднаква“ и ССНМ. мд/дма/
Фото: Фејсбук на ССНМ и „Еднаква“