• среда, 25 декември 2024

Еден сомнителен случај на коронавирус денеска во Косово

Еден сомнителен случај на коронавирус денеска во Косово
Приштина, 24 февруари 2020 (МИА) – Косовскиот министер за здравство Арбен Витиа информриа дека на инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово моментно се третира еден сомнителен случај на лице заразено од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина. Витиа рече дека претпоставува оти станува збор за обичен грип, но најави дека резултатите од анализите ќе бидат познати во наредните неколку часови и нагласи дека јавноста ќе биде запознаена со нив на најтранспарентен начин. - Можностите за појава на случаи со коронавирус во Косово се реални, меѓутоа ние се подготвуваме за да ги преземеме потребните мерки. На инфективната клиника се појави еден сомнителен случај, но не треба да се крева паника, затоа што претпоставуваме дека се работи само за грип, изјави Витиа при денешното пуштање во употреба на лабораторијата за микробиологија. Тој информира дека на приштинскиот аеродром „Адем Јашари“ се направени сите потребни подготовки за контрола на патниците кои доаѓаат од Италија. - На аеродромот има лекарски тимови. Стратешкиот план е усвоен минатата недела и уште денеска започнавме со средбите и во координација со другите ресори работиме на преземање превентивни мерки, изјави Витиа, нагласувајќи дека здравствените институции во земјата располагаат со доволно лекови во случај на појава на коронавирусот. На инаугурацијата на новата лабораторија, изградена со средства од италијанската Агенција за соработка и развој, присуствуваше и амбасадорот на Италија, Никола Орландо, кој рече дека засега нема потреба од прекин на авио-линиите меѓу двете земји. - Мерките кои се преземени (во Италија), иако вирусот се прошири многу бргу, се многу силни. Се работи за болест за која ниту една земја не е 100 отсто подготвена да се соочи со неа. Коронавирусот нема потреба од виза. Сметам дека нема потреба од претерувања, да им веруваме на науката и здравствените професионалци, изјави Орландо, кој рече дека засега нема информации за заболени Албанци во Италија. иа/гт/

Остани поврзан