• петок, 05 декември 2025

Европски олимписки комитет: ЕМОФ Скопје 2025 беше екстремно успешно организиран

Европски олимписки комитет: ЕМОФ Скопје 2025 беше екстремно успешно организиран

Скопје, 27 јули 2025 (МИА) – Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, не го криеше своето задоволство од сè што беше реализирано во текот на фестивалската недела во Скопје.

- Повеќе од 4000 спортисти си заминаа од Македонија со позитивни впечатоци. Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 заврши во одлична атмосфера, а Македонија доби пофалби за исклучително организираниот настан. Вчеравечер и официјално беше затворено 18. издание на ЕМОФ, а повеќе од 4000 спортисти од 50 делегации имаа еднаква можност да се натпреваруваат во 15 спорта, при што 40 делегации си заминаа дома со медали, што е одличен показател дека европскиот младински спорт оди во позитивна насока, изјави Капралос.

Условите во спортските објекти беа одлични. Имавме мали проблеми со времето, бидејќи беше премногу жешко, но тоа е проблем сега поради климатските промени и не можеме да преземеме нешто околу тоа. Но, сè на сè, а и она што е најохрабрувачки за нас е дека атлетичарите се многу среќни. Се забавуваа секоја вечер, ги уживаа пријателствата меѓу нив, но и стекнаа пријатели од другите тимови. На крајот на денот морам да кажам дека ова беше екстремно успешен Европски младински олимписки фестивал, додаде Капралос.

Следниот летен Европски младински олимписки фестивал ќе се одржи во Лињано Сабјадоро, Италија, во 2027 година. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан