• среда, 27 ноември 2024

Европска недела на мобилност во Куманово

Европска недела на мобилност во Куманово
Куманово, 22 септември 2021 (МИА) - Ученици и велосипедисти од Куманово, денеска возеа велосипед по централното градско подрачје на манифестација која ја организираа отсекот за превенција од СВР Куманово и Републичкиот и општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во рамки на еднонеделното одбележување на Европската недела на мобилност. Организаторите ги повикаа кумановци да покажат добра волја и да ги презентираат своите најдобри практики за урбана мобилност.
- СВР Куманово во текот на целата година презема мерки и активности за јакнење на свеста за безбедно учество во сообраќајот, почнувајќи од најмладите и како пешаци и како учесници во сообраќајот со велосипеди. Во неделата на мобилност имавме акции, поделивме летоци и друг материјал за јакнење на свеста за безбедно учество во сообраќајот и за јакнење на свеста за другите учесници да ги почитуваат велосипедистите како учесници во сообраќајот, но и за користење на велосипедот за да се намали бројот на возила и да се зачува животната средина, изјави Виолета Богдановска од отсекот за превенција од СВР Куманово.
Бојан Петковски од Општина Куманово и општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот повика на почесто користење велосипед низ улиците на Куманово.
- Многу е поекономично возењето на велосипед, добро и од здравствен аспект. Општината преку советот донесе стратешки документ, план за одржлива урбана мобилност кој е во траење од десет години, така што во следниот период ќе се трудиме да обезбедиме велосипедски патеки и да се стимулира возењето велосипед, рече Петковски.
Одбележувањето на Европската недела на мобилност ЕНМ (од 16-22 септември), годинава се организира на тема „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“.ам/фф/

Остани поврзан