• среда, 27 ноември 2024

Европската недела на мобилност започна со најмалите на Велес

Европската недела на мобилност започна со најмалите на Велес
Велес, 16 септември 2022 (МИА) - Преку креативно – едукативна работилница со дечињата од ОЈУДГ детска градинка „Димче Мирчев“ од Велес, Општина Велес денеска започна Европската недела на мобилност која ќе трае до 22 Септември. Најмладите уживаа во активностите изведени во соработка со Спортската академија „Јуниор“ од Велес во Pump track и на игралиштето во Градскиот парк. -Другаруваме и спортуваме, за здрави деца и здрава иднина, потенцираат од Општина Велес. Во тие рамки Општина Велес утре организира и едукативна работилница со младите од Велес за промоција на велосипедот како алтернативно превозно средство. Настанот ќе се одржи во просториите на Младинскиот центар односно на Градсата библиотека утре во 12 часот. Во рамки на оваа Недела тимот од Општина Велес од повеќе спонзори обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа велосипеди за деца, трицикли, топки за разни спортови, спортски реквизити, освежителни пијалаци и житарки, хигиенски средства и друго, наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“, сите општински основни и средни училишта од градот. Воедно помагатели и поддржувачи на активностите за одбележување на Европската Недела на Мобилност 2022 во Велес се и Делегацијата на Европска Унија и Европска куќа Скопје, волонтерите на Младински центар, Велес, ЗГ „Велес бајкинг“, ИО „Димитар Влахов“, МВР-СВР Велес, како и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ). На последниот ден од оваа традиционална манифестација на 22 септември „Ден без автомобили“ велешките ученици и сите заинтересирани граѓани демонстративно ќе возат велосипед на улицата кај ООУ „Васил Главинов“, со што ќе го посочат велосипедот како еден од алтернативните средства за замена на автомобилот низ градските улици. ад/ки/

Остани поврзан