• понеделник, 23 декември 2024

Европската комисија официјално ја одобри Реформската агенда

Европската комисија официјално ја одобри Реформската агенда

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) - Министерството за европски прашања соопшти дека Европската комисија денеска официјално ја одобри Реформската Агенда на Северна Македонија, што претставува значаен исчекор во процесот на интеграција на земјата и регионот во Европската Унија. Оваа одлука следува по деталната анализа од страна на Европската комисија, која ја препозна релевантноста и сеопфатноста на реформските планови, особено во забрзувањето на усогласувањето на земјата со законите, вредностите и стандардите на ЕУ, соопшти Министерството за европски прашања.

-Одобрувањето на оваа агенда овозможува пристап до финансиски средства во рамките на Фондот за реформи и раст на ЕУ, во износ од 6 милијарди евра. Фондот е дизајниран да го поддржи трансформативниот процес на Северна Македонија, осигурувајќи дека реформите не само што ќе ги зајакнат демократските институции и човековите права, туку и ќе ја подобрат економската интеграција на земјата со ЕУ, се наведува во соопштението.

Реформската Агенда, која е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027, е фокусирана на клучни социо-економски реформи и фундаментални области како што се владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Комисијата ги поздрави овие напори, истакнувајќи дека реформите значително ќе придонесат за социо-економска конвергенција со ЕУ и ќе ѝ помогнат на Северна Македонија во исполнувањето на клучните критериуми за пристапување.

-Овoј важен чекор значително ја поткрепува стратешката определба на земјата за европска интеграција, истовремено интензивирајќи ја интеринституционалната соработка меѓу Северна Македонија и Европската комисија, со цел реализација на заедничките стратешки приоритети и долгорочни цели за целосно интегрирање во европските структури. Министерството за европски прашања ја реафирмира својата и посветеноста на Владата за ефективна и навремена имплементација на овие реформи, кои ќе обезбедат просперитетна иднина за сите граѓани, велат од Министерството за европски прашања. дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан