• вторник, 24 декември 2024

Европол: Шверцот на кокаин во Европа ќе продолжи да се зголемува во следните две години

Европол: Шверцот на кокаин во Европа ќе продолжи да се зголемува во следните две години

Лион, 2 јануари 2024 (МИА) - Шверцот на кокаин во Европа ќе продолжи да се зголемува во следните две години поради растечкото производство во Јужна Америка, изјави извршната директорка на Европската полициска служба (Европол), Кетрин де Бол, за ДПА.

-Не можеме целосно да го спречиме бидејќи побарувачката е превисока, додаде таа.

Истовремено, Европол забележува зголемен успех на истрагите во борбата против меѓународната трговија со дрога, со запленети над 300 тони кокаин само во текот на минатата година.

-Европол никогаш немал толку добар увид врз шверцот со дрога како минатата година, рече Де Бол. „Тоа се однесува и на меѓународните дистрибутивни канали и на домашната продажба“, додаде таа.

Поголемиот дел од кокаинот се шверцува од Јужна Америка во Европа по морски пат и влегува во ЕУ главно преку пристаништата Антверпен и Ротердам. Цариниците се почесто пронаоѓаат големи количества дрога скриени во бродски контејнери.

ДПА потсетува дека во Ротердам, во август, беше запленето најголемото количество дрога досега – во контејнер со банани беа пронајдени околу 8.000 килограми кокаин, вреден на црниот пазар околу 600 милиони евра.

Европол верува дека запленетите пратки најверојатно се само мал дел од кокаинот што се шверцува. 

-Но, тоа почнува да им нанесува штети на бандите, истакна Де Бол. 

„Се почесто тие се обидуваат да си го повратат запленетиот кокаин. А во меѓувреме, тие дури ги опремуваат пратките со уреди за следење за да можат да ја знаат нивната точна локација“, додаде таа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан