Евроамбасадорот Рокас во Охрид на средба со градоначалникот Пецаков и претставниците во Советот на Општината
- Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска престојува во работна посета на Општина Охрид, каде оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков и со членовите на Советот на Општината.
Охрид, 10 јули 2025 (МИА) – Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска престојуваше во работна посета на Општина Охрид, каде оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков и со членовите на Советот на Општината.
Рокас пред медиумите по средбата рече дека со Пецаков разговарал за проектите што заеднички ги реализираат Општината и ЕУ, изразувајќи задоволство од начинот на нивната имплементација и добрата соработка со локалната власт.

- Разговаравме и за предизвиците со кои се соочува Општината, како и прашањето за УНЕСКО, но и за големите инфраструктурни проекти како „Коридорот 8“, мнногуте проекти што се реализираат на терен. Разговаравме и за плановите во Општината за изградба на паркинзи, за зелени површини, управувањето со цврстиот отпад и третманот на отпадните води...Во тек се многу активности, разговаравме и за некои предизвици од глобален карактер. Она што сакам да го кажам е дека Охрид е скапоцен камен, а сите чинители, сите градоначалници на општините кои гравитираат во регионот и двете земји треба да работаат заедно за подобар статус на Охридскиот регион во иднина, рече Рокас.
Градоначалникот Пецаков од своја страна рече дека на средбата ги презентирал проектите реализирани изминатиот период, за предизвиците со кои се соочува општината, планираните проекти за Охрид и визијата за Охрид во иднината.
- Поразговаравме и сите работи поврзани со препораките од УНЕСКО како тема што е во моментов актуелна. Секако дека добрата соработка која и досега ја имаме како Општина со ЕУ, не само преку проектите, како и за се она што означува поддршка кон Општината и државата ќе продолжи и во иднина, рече Пецаков.
Што се однесува на денешната седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО каде ќе се гласа по предлог-одлуката Охридскиот регион да биде поместен на Листата културно-историски вредности во опасност, и двајцата соговорници истакнаа дека не треба да се прејудицира исходот од гласањето.
- Да почекаме да го видиме исходот од дебатата во УНЕСКО. Дебатата во УНЕСКО е позитивна бидејќи им помага на општините и на властите на централно ниво да ги носат вистинските одлуки, да можат да видат кои се приоритетите, за да можат да с есправат со предизвиците...Охрид има огромен потенцијал, така да сите чинители во оваа сфера мора да работиме заедно за да ја подобриме состојбата на Охрид, да го заштитиме неговиот статус во УНЕСКО и исто така да осигураме негова одржливост, од еколошки и урбанистички аспект, рече евроамбасадорот.
Пецаков од своја страна истакна дека и во минатото во неколку наврати имало нацрт-одлука за ставање на регионот на Листата загрозени светски културно-историски вредности, но оти исходот бил поинаков.

- Нека заврши седницата на Комитетот, па ќе добиете официјална изјава по однос одлуката каква и да е...Извештајот за Охридскиот регион е критички, но доколку го поделиме по однос забелшките за Охрид, за другите општини, за државата, за Албанија и соработката меѓу двете држави, тогаш е критичен. Нека заврши гласањето па ќе ги извадиме на површина сите забелешки како кон Општина Охрид, така и за се останато, рече Пецаков. аб/са/
фото/МИА