• петок, 22 ноември 2024

ЕБОР во соработка со Шпаркасе Банка обезбеди финансиска поддршка за „Макпрогрес“ од Виница

ЕБОР во соработка со Шпаркасе Банка обезбеди финансиска поддршка за „Макпрогрес“ од Виница

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во соработка со Шпаркасе Банка обезбеди финансиска поддршка за компанијата „Макпрогрес“ од Виница. Кредитот ќе ги поддржи потребите на компанијата за обртен капитал и ликвидност како одговор на зголемената побарувачка. 

Како што информираа денеска од ЕБОР, одобрено е кредитно финансирање до два милиона евра преку Шпаркасе банка, која е партнер банка на ЕБОР, од кои ЕБОР ќе гарантира до 50 проценти од износот на кредитот преку Програмата за споделување ризик. 

- Овие средства ќе се искористат за поддршка на потребите на Макпрогрес за обртен капитал и потребите за ликвидност како одговор на зголемената побарувачка со која се соочува компанијата. Проектот ќе продолжи и со поддршката на новоизградениот мултидисциплинарен едукативен центар на компанијата, кој обезбедува акредитирани тренинг програми и признаена сертификација на пазарот на трудот во регионите каде овој тип на можности се помалку застапени, изјавила претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

Според главниот и извршен директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, со договорот,„Макпрогрес„ обезбедува финансирање за поддршка на дополнителниот раст и развој, зголемување на капацитетот на постоечките производи, развој на нови производи и зголемена продуктивност и конкурентност. 

Макпрогрес е локална семејна компанија, со 640 вработени, која произведува прехранбени производи под брендовите Винчини, Дониа, Сончева долина, Фантазија и Натура, во над 60 земји во светот.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 190 проекти во земјата. бак/дма/

Фото: ЕБОР

Остани поврзан