• понеделник, 16 декември 2024

Бектеши: До крајот на неделата лидерот на ДУИ ќе ги обелодени чекорите што ќе бидат преземени за спречување на мајоризацијата

Бектеши: До крајот на неделата лидерот на ДУИ ќе ги обелодени чекорите што ќе бидат преземени за спречување на мајоризацијата

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Крешник Бектеши, член на ДУИ и министер за економија, вечерва најави дека лидерот на партијата Али Ахмети до крајот на неделата ќе ги обелодени чекорите што ќе бидат преземени за спречување на мајоризацијата.

- Кај нас, како членови на Претседателството на ДУИ доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата, не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. До крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Али Ахмети, рече Бектеши во централниот дневник на „Сител“. 

Додаде дека ДУИ не бара по секоја цена да биде во владата, но бара почитување на легитимитетот на мнозинството на Албанците и другите етнички заедници. 

Претседателот на ДУИ која ја предводи коалицијата „Европски фронт“, Али Ахмети вчера на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово, соопшти дека тие се легитимен претставник на Албанците во државата, бидејќи, како што посочи, на претседателските избори победиле со разлика од 40.000 гласови, додека на парламентарните со над 30 илјади гласови повеќе и, според нив, шест пратеници повеќе од Коалицијата Вреди.

Во однос на реорганизацијата на државните институции што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ, Бектеши очекува предлозите за реорганизација пред да влезат во собраниска процедура да бидат првично објавени пред јавноста.  

- Не е мала реформа да се направи реорганизација на државните институции, во однос на тоа што ќе се случи во вработените, која ќе биде ефикасноста на тие институции... Во моментот кога ќе го имаме конкретниот предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ или на другите политички партии кои се дел од коалицијата, тогаш ќе излеземе со конкретен став и со противпредлози како ние мислиме дека тоа би било поефикасно, рече Бектеши.  

Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за Радио слободна Европа најавува дека на првата седница на новиот парламентарен состав, уште пред формирањето на владата, ќе се најдат измени на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства. бак/дма/

Фото: Принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан