• сабота, 23 ноември 2024

Дуда: Полска го суспендира Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Дуда: Полска го суспендира Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Варшава, 29 март 2024 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска го потпиша законот за суспензија на Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа, кој беше потпишан во ноември 1990 година, а чија цел беше да се намали постојното конвенционално офанзивно оружје што го поседуваат земјите-членки на НАТО и поранешните земји на Варшавскиот пакт.

„Суспендирањето на овој акт ќе значи дека Република Полска, како и другите земји кои ќе одлучат да го сторат тоа, иако формално остануваат потписнички на овој договор, нема да бидат обврзани да ги спроведуваат неговите одредби“, се вели во соопштението од кабинетот на Дуда, пренесуваат полските медиуми.

Овој документ беше еден од конкретните показатели за крајот на Студената војна бидејќи двата блока се согласија да ги почитуваат ограничувањата во однос на бројот на воена опрема (тенкови, борбени возила, авиони) и муниција стационирана во Европа.

Тогаш беше изразена надежта дека квантитативните ограничувања на оружјето, давањето детални информации за потенцијалот на вооружените сили и проверката на овие информации ќе ја ограничат можноста за ненадеен вооружен напад и започнување операции од големи размери. Земјите потписнички на овој договор, кој стапи во сила во 1992 година, се обврзаа, меѓу другото, да разменуваат информации за вооружувањето.

Меѓутоа, во 2007 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за суспендирање на учеството на Русија во овој договор, а на 7 ноември 2023 година, тој објави дека Русија во целост прекина да го признава Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа. рп/

 Фото: МИА архива

Остани поврзан