• петок, 05 декември 2025

ДР Конго и Руанда потпишаа прелиминарен мировен договор во Вашингтон

ДР Конго и Руанда потпишаа прелиминарен мировен договор во Вашингтон

Вашингтон, 19 јуни 2025 (МИА) - Претставници на Демократска Република Конго и Руанда потпишаа прелиминарен мировен договор во Вашингтон, соопшти американскиот Стејт департмент.

ДР Конго ја обвинува владата на Руанда за поддршка на бунтовниците од движењето „23 март“ (М23), кое дејствува на истокот од земјата. Експертите на ОН велат дека бунтовниците се поддржани од околу 4.000 руандски војници.

Деценискиот конфликт ескалираше во јануари кога борците на М23 го зазедоа стратешкиот град Гома во Конго, а еден месец подоцна и градот Букаву.

-Договорот вклучува одредби за почитување на територијалниот интегритет и забрана за непријателства; повлекување, разоружување и условна интеграција на недржавни вооружени групи“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на американскиот Стејт департмент.

Ова не е прв пат ДР Конго и Руанда да водат мировни преговори. Двете страни разговараа за условите за евентуално примирје во Катар во март, но тоа не успеа.

М23 е една од околу 100 вооружени групи кои се борат за контрола врз богатиот со ресурси источен дел од ДР Конго. Конфликтот предизвика една од најлошите хуманитарни кризи во светот и расели повеќе од седум милиони луѓе. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан