• сабота, 24 јануари 2026

Д-р Александар Мицковски за МИА: Поврзаноста со пушењето е докажана кај три малигни заболувања, едно од нив е рак на мочниот меур

Д-р Александар Мицковски за МИА: Поврзаноста со пушењето е докажана кај три малигни заболувања, едно од нив е рак на мочниот меур

Скопје, 24 јануари 2026 (МИА)

Ана ЦВЕТКОВСКА

Докази за поврзаноста со пушењето има кај три малигни заболувања - ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур и мочните патишта, вели доктор Александар Мицковски, специјалист по урологија, во интервју за МИА.

- Ако зборуваме за малигните болести, исто така е докажана поврзаноста и штетното влијание на пушењето. Дури изолирана е и супстанцијата која е дел од цигарите, од никотинот, која е активатор на тие малигни заболувања, тоa е бензопиренот. И сигурно е докажано кај три малигни болести дека има директната поврзаност со тој агент. Тоа се, пред сè, ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур, меѓутоа и на мочните патишта, затоа што уринарниот тракт по цела своја должина има ист тип на слузница, нагласува Мицковски. 

За пациенти што имаат рак на мочниот меур и мочните патишта, вели дека доколку тие не престанат да пушат, а во меѓувреме им е подобрена здравствената состојба, таа потворно може да се влоши.

- На пример, ако сте оперирале мочен меур на десната страна, ќе се повтори на спротивната страна. И тука таа стапка не е мала, туку е 25 проценти. Односно, кај секој четврти што сме го оперирале, очекуваме уште еднаш во животот да се повтори овој агресивен тумор. Кај овие пациенти, препораката, освен да прекинат да пушат, е и да прекинат пасивно да пушат. И затоа го поддржуваме ова законско решение. Затоа што, ако во куќата има пушач, тој не смее дома да пуши, мора надвор. А за рестораните уште повеќе, порачува доктор Мицковски во интервјуто за МИА.

Смета дека нема медицински работник што нема да застане зад предлог-законот за заштита од пушење бидејќи, како што вели, последиците од пушењето се далекосежни.

Со Мицкоски разговаравме и за ракот на простатата, кој, според статистиките, е на второ место по смртност кај машката популација и од кој кај нас годишно во просек заболуваат 70-ина нови пациенти. 

Докажано е, нагласува, дека простатата почнува да расте по 40-тата година, но она што е типично само за овој тип на тумор е дека нема свои специфични симптоми. Симптомите од бенигното зголемување, од самиот раст на простатата, се исти со оние ако во таа простата има и малигни клетки. Симптомите и во бенигните и во малигните случаи се делат на две групи: опструктивни и иритативни. Појаснува дека опструктивните значат потешко мокрење, напнување за мокрење, заостанување урина, капење на урината, немање силен млаз, осцилации во млазот, кои кај поексплицитните случаи доведува и до капење урина. Се појавува и чувство на постојана болка во стомакот затоа што урината заостанува. Иритативните се почесто мокрење, станување ноќе, но и неможност да се извршуваат секојдевните обврски поради постојаната потреба од мокрење. 

Ракот на простатата не се забележува на ехо. Без разлика колкава е вредноста на ПСА-маркерот како лабораториски скрининг, на ехо-прегледот простатата изгледа еднакво, иако може да има разни вредности. Затоа, доколку има некакви сомневања или индикации, потребно е да се направи магнетна резонанција.

- За да ја индицираме, претходно има други постапки, покрај ехо, лабораторија, ректален преглед на простатата. До неодамна немавме начин да видиме дали во таа простата што сме ја виделе сме измериле волумен, позиција, начин како мокри пациентот, но тоа сега го мериме, има апарат со сензори, кој мери со која брзина мокриме и црта дијаграм, дали мокриме хомогено, мазно или е тоа испрекинато како пила, еве да кажеме, така го опишуваат. Меѓутоа, немавме можност да видиме дали во таа простата се случува нешто што не треба. Сега тоа го овозможува оваа напредна мултипараметарска магнетна резонанција, посочува Мицковски. 

Од неодамна во Клиниката „Аџибадем Систина“ се применува нова метода, првпат во нашата држава, преку која со локална анестезија се третира бенигно зголемување на простатата.

- Методата се состои во употреба на врела водна пареа, над 100-103 степени, бидејќи е под висок притисок, меѓутоа овој генератор ја добива со радиофреквентна енергија, (не со топлина, сè е ладно), која преку еден рачен уред вие ја испорачувате преку игла на типични зони за кои сте биле на обука како и каде треба да боцкате, колку долго итн. и тоа доведува до изумирање на простатното ткиво, односно она ткиво што пречи на проодноста на каналот. Вие тоа го гледате на камера и завршува процедурата. Пациентот за два часа е испишан од болницата. По две недели, почнува изумирањето на ткивото и организмот, со своите природни процеси на варење на храната, тоа ткиво го отстранува. Не го измокрувате, многумина мислат ќе мокрам нечистотии, ќе мокрам парчиња, ќе биде морничаво, но не е така. Значи, организмот го вари тоа ткиво со своите природни механизми на лекување, вклучително и варењето на храната. На пример, зрачите некој тумор и го нема веќе. Тоа не значи дека го измокривте туморот, туку тој се стопил, го сварил организмот. Вакво нешто се случува и со ова мртво ткиво. И ако имавте еден затворен канал, сега се добива широка јама, појаснува Мицковски.

Посочува и дека целиот процес почнува две недели до три месеци по интервенцијата, а потоа таа состојба ќе се одржува во наредните 10 години. Досега е спроведена на 100 пациенти, претежно повозрасни, но има и помлади, а најмладиот е 21-годишник. Со тоа се избегнуваат посложените операции со целосни анестезии, кои се особено ризични за постарите лица што имаат разни коморбидитети. И, како што посочува докторот Мицковски, кај 100 отсто од пациентите самиот производител гарантира зачувување на потенцијата, ерекцијата и исфрлање сперма.

Иднината на медицината е во превенцијата на малигните болести, порачува Мицковски, нагласувајќи дека во последно време забележува зголемување на свесноста кај помладата генерација мажи за потребата од редовни скрининзи. Во однос на тоа дали се размислува за воведување задолжителен преглед еднаш годишно на уролог за машката популација, вели дека тој лично смета дека треба да се оди во таа насока и како добар пример ја посочи Словенија, каде што Министерството за здравство пропишува одредени прегледи, кои треба да се направат на одредена возраст за што граѓаните добиваат известувања.

- На пример, наполнивте 40 години, имате микрокрварење во фецесот. Треба да испитате ПСА-маркер. Закажано ви е тогаш и тогаш. Или дојде време еднаш на пет години да треба колоноскопија. Не треба вие да знаете дека треба колоноскопија, од самата држава ќе добиете писмо: „Закажана ви е во Марибор на тој и тој датум, кај тој и тој доктор“. И вие мора да се појавите на тој скрининг. И на тој начин штедат. Не трошат пари затоа што сите ги викаат годинава. Штедат затоа што на време ги откриваат туморите. Штедат на скапи лекови, штедат на онкологија и имаат здрава популација. Иднината на медицината не е во скапи лекови, цитостатици втора, трета генерација. Иднината е во превенцијата, порачува Мицковски во интервјуто за МИА.

Во продолжение следува целото интервју со докторот Александар Мицковски со видеоматеријал:

Би почнала со едно прашање кое е актуелно деновиве, тоа е предлог-законот против пушењето. Слушнавме разни мислења во јавноста, дали е пререстриктивен или не, меѓутоа нема да навлегуваме во овие технички прашања. Јас ќе Ве прашам од медицински аспект, како медицинско лице. Колку пушењето е ризичен фактор за појава на некој вид рак од сферата на урологијата, која е Ваша специјалност?

- Апсолутно. Мислам дека нема медицински работник што нема да застане зад овој закон затоа што последиците од пушењето се далекосежни. Ако зборуваме за оние општи последици, сите ги знаеме: оштетување крвни садови, рана појава на коронарни заболувања, склоност кон инфаркти итн. Ако зборуваме за малигните болести, исто така се докажани поврзаноста и штетното влијание на пушењето. Дури изолирана е и супстанцијата, која е дел од цигарите, од никотинот, која е активатор на овие малигни заболувања, тоа е бензопиренот. И сигурно е докажано кај три малигни болести дека има директна поврзаност со тој агент. Тоа се, пред сè, ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур, меѓутоа и на мочните патишта, затоа што уринарниот тракт по целата своја должина има ист тип на слузница. Пушењето активира, преку оваа супстанца како надворешен агент, појава на уротелни, значи слузницата на уролошките патишта се вика уротел, активира појава на исклучително агресивни малигни болести. И да е уште полоша приказната, ако не прекинат да пушат, тие се повторуваат, кои се следат до крајот на животот, затоа што имаат склоност да се повторат. На пример, ако сте оперирале мочен меур на десната страна, ќе се повтори на спротивната страна. И тука таа стапка не е мала, туку е 25 проценти. Односно, кај секој четврти што сме го оперирале, очекуваме уште еднаш во животот да се повтори овој агресивен тумор. Кај овие пациенти препораката, освен да прекинат да пушат, е и да прекинат пасивно да пушат. И затоа го поддржуваме ова законско решение. Затоа што, ако во куќата има пушач, тој не смее дома да пуши, мора надвор. А за рестораните уште повеќе.

Значи, ракот на мочниот меур, можам да кажам, еве и според ова што ми го кажавте, да заклучиме дека има директна корелација со пушењето?

- Така е. Еден од најчестите во урологијата.

Кои се другите фактори што го предизвикуваат овој рак на мочниот меур и колкава е неговата зачестеност, на пример, во урологијата?

Еден од најчестите, втор по карциномот на простата. И типично е дека не го фаќа само мочниот меур, може да е на уретерот. И за еден тумор на уретерот треба да се извадат истостраниот бубрег, уретерот и дел од мочниот меур. Тоа е огромна агресивност. Покрај овие надворешни фактори, докажана е кај некои видови рак, на пример, еве кај оној на тестисот не се знае што го предизвикува. Секако, сите штетни надворешни влијанија придонесуваат, меѓутоа конкретно на кој начин, не знаеме. Овде знаеме. Кај уролошките, уротелните карциноми, придонесувачки фактор е мутација на еден добар ген, го викаме тумор супресорски ген, кој ја супримира, ја намалува веројатноста да се појават тумори. Мутацијата, изобличувањето на тој ген, ја негира таа негова улога во супримирање на појавата на тумори и дозволува да се појават тумори. Во научните истражувања тоа е сигурно докажано и потврдено, не го проверуваме на секој пациент. Ако непушач се појави со карцином на мочен меур и тој се повторува, многу веројатно е дека има мутација на овој добар ген П53. Меѓутоа, ако се повторува кај пушач, тогаш веќе е голема грешка затоа што мора да прекине.

Значи, се препорачува да се остави пушењето. Лани некаде во октомври, чинам, првпат во Македонија во болницата во која работите беа изведени две минимално инвазивни процедури за третман на упорни или повторувачки стеснувања на структурата на мочниот канал. Ќе може ли да ни појасните за каква процедура станува збор?

- Да. Тоа е една процедура, иновативна, при што стеснувањата на мочниот канал се всушност сврзни ткива, односно лузни и се многу чести. Може да се последица на инфекција, на носење катетер за која било друга природа - поради повреда на мочниот канал или од непознати причини. Што беше лошото? Се решаваа преку пресекување на тој дел, отварање на каналот, меѓутоа имаа висока стапка на повторување. Односно, се повторуваа на долг рок, на десетгодишен период кај 75 отсто од пациентите мораше да се прават реоперации. Напредокот на науката бараше да се пронајде решение таа лузна во каналот да не се повторува. Ние почнавме потрага да го донесеме тој производ, кој всушност се состои од балон, чиј ѕид е обложен со цитостатик кој има локално дејство. Веројатно ги тестирале сите цитостатици и многу други лекови и откриле дека тој цитостатик, кој се вика „паклитаксел“ и служи за третман на многу агресивни тумори во онкологијата, тука има локално дејство. Значи, не се прима во циркулацијата. Меѓутоа, тој балон како надополнување на оваа процедура се надувува на точно определен притисок со манометар и по тоа стои за време на операцијата пет-десет минути и го ослободува својот лек во ѕидот на мочниот канал. Ослободувајќи го „паклитаксел“, се намалува шансата од 75 на речиси 20 отсто да се повтори стеснувањето. И да се повтори, нема да биде тврдо како тврда лузна, туку ќе биде многу поедноставно за решавање. И вториот голем бенефит се отчитува во тоа што процентот од овие пациенти, кај кои, покрај хируршкиот ендоскопски ласерски третман, додадеме и балон обложен со лек, ќе се намали, а тоа е 75 отсто, потребата да се оперираат со една сериозна отворена операција, каде што тој сегмент од мочниот канал зафатен со лузна, со тврдо ткиво како 'рскавица, се заменува со слузница од образот. Тоа е, всушност, трансплантација. Меѓутоа, многу сериозна. Самиот факт дека земате слузница од внатрешната страна на образот и ја трансплантирате на друго место е сериозна работа. Ако вие пронајдете минимално инвазивен начин тоа да го превенирате кај 75 отсто од пациентите, тогаш тоа е голема работа.

Сега би продолжила со нешто што е, нели, секогаш актуелно, тоа е ракот на простатата, што е и Ваша специјалност. Ракот на простатата е на второ место по смртност кај мажите. Кои се причините, но и симптомите на оваа болест? Кога машката популација треба да се обрати на лекар?

- Кај нас е докажано дека простатата почнува да расте по 40-тата година. Она што е типично само за овој тип на тумор е дека нема свои специфични симптоми. Значи, симптомите од бенигното зголемување, од самиот раст на простатата, се исти со оние што ако во таа простата има и малигни клетки. И затоа мора да се надополнат со дополнителни лабораториски испитувања, а некогаш како релативно нова работа и еден мултипараметарски магнет, магнетна резонанција на простатата. Едно софистицирано испитување кое овозможува да се визуализираат промени и од два и од три милиметри во простатата.

Секако дека скринингот треба да се прави редовно. Ние можеби немаме таква навика во нашето општество...

- Па, сè почесто веќе, особено младите. Благодарение можеби и на ваквите емисии, текстови, благодарение и на растењето на свеста, ноември како месец на машкото здравје, наши гостувања, здруженија на пациенти со одредени проблеми, сè почесто доаѓаат.

Кои се симптомите што можеби би довеле до некаква загриженост дека треба да се провери простатата?

- Симптомите на простатата, од зголемувањето на простатата, се делат на две групи. Едните се опструктивни, односно симптоми на препрека. Значи, потешко мокрење, напнување за мокрење, заостанување урина, капење на урината, немање силен млаз, осцилации во млазот, што кај поексплицитните случаи доведува и до капење урина. Чувствуваат постојана болка во стомакот затоа што им заостанува многу урина. И со текот на времето, ако не дојдат на лекар се проверат, тоа им станува навика. Тие се навикнуваат на симптомите и тоа го прифаќаат како нормален начин на живеење, живеат со тоа. Не е тоа нормален начин на живеење. Другите се иритативни. Тие почесто мократ, стануваат ноќе, не се наспани, им пречи на работоспособноста, ургентно ги тера на мокрење. На пример, треба да патуваат, првин помислуваат на тоа каде ќе има бензинска станица да застанат. Имаме сега интервју, кога ќе заврши, да одам во тоалет. Тоа е оптоварување и не треба да живеат со тоа. И друго што мора да го знаат, дека покрај ПСА-маркерот како лабораториски скрининг, ехо-прегледот не ги открива карциномите. На пример, ако оди некоја госпоѓа за ехо на дојките, се гледа промената. Ние на ехо на простатата не гледаме дали ПСА е 0,2, 2 или 22, на ехо простатата изгледа еднакво. Она што ја прави разликата, за да го видиме со тие методи, е магнетната резонанција. Ама за да ја индицираме, претходно има други постапки, покрај ехо, лабораторија, ректален преглед на простатата. До неодамна немавме начин да видиме дали во таа простата што сме ја виделе сме измериле волумен, позиција, начинот како мокри пациентот, но тоа сега го мериме, има апарат со сензори, кој мери со која брзина мокриме и црта дијаграм дали мокриме хомогено, мазно или е тоа испрекинато како пила, еве да кажеме, така го опишуваат. Меѓутоа, немавме можност да видиме дали во таа простата се случува нешто што не треба. Тоа го овозможува сега таа напредна мултипараметарска магнетна резонанција.

Во некои западноевропски земји задолжително е еднаш годишно да се направи скрининг, мажите да направат скрининг, да посетат уролог, да направат соодветни испитувања. Дали можеби кај нас се размислува во оваа насока?

- Па треба да се размислува.

Како да е стигматизирано машкото здравје, еве, рековте, тоа се менува, но сепак сè уште е бавно...

- Сè уште е бавно и има простор за подобрување. Ако ме прашате за мое лично искуство и пример за тоа како треба, сум го видел, како и многу голем број од уролозите, ние одиме на обука во Словенија. Тоа е земја во која, можеби затоа што сме биле една држава, веројатно, ни се отворени вратите кога сакаме и колку сакаме. И имаме увид, освен во она што сме отишле да научиме, и во она како им функционира здравствениот систем. Таму Министерството за здравство одредува, а кај нас има сигурно епидемиолози, специјалисти по медицина на труд итн., кои одредуваат „јас сум на таа возраст, што ќе ми треба оваа година“. И добиваат писмена покана за тоа каде и на кој датум, во колку часот им е закажано. Има скрининг програми. На пример, ќе наполните 40 години, микрокрварење во фецесот. Треба да испитате ПСА маркер. Закажано ви е тогаш и тогаш. Или дојде време еднаш на пет години треба колоноскопија. Не треба вие да знаете дека треба колоноскопија, од самата држава ќе добиете писмо: „Закажана ви е во Марибор на тој и тој датум, кај тој и тој доктор“. И вие мора да се појавите на тој скрининг. И на тој начин штедат. Не трошат пари затоа што сите ги викаат годинава. Штедат, затоа што на време ги откриваат туморите. Штедат на скапи лекови, штедат на онкологија и имаат здрава популација. Иднината на медицината не е во скапи лекови, цитостатици втора, трета генерација. Иднината е во превенцијата.

Во болницата во која работите во моментот применувате нова метода што првпат се прави во Македонија. Со локална анестезија се третира бенигно зголемување на простатата. Значи, бенигно, тука не говориме за малигно. Ќе може ли да ни појасните за што станува збор?

- Тоа е една иновативна процедура што е пронајдок, нема никаква поврзаност со што било досега, што се знаело за простатата и лекувањето и оперирањето на простатата. Пронајдокот овозможува нешто што досега беше незамисливо, да се оперираат денес, да си отидат дома денес. Може со кратка анестезија, може и со локална. Комплетно, значи како за поправка на заб, локална, го здрвува регионот на простатата и ништо не чувствуваат. Дека навистина не чувствувате е тоа што, на пример, добивате локална анестезија и стоматологот може да го вади забот, да ја дупчи, да ја крши коската и таму и не боли. Простатата е мека како сунѓер и сигурно многу помалку ќе ги боли. Има дискомфорт, меѓутоа предноста е што кај стари луѓе со лоша циркулација, прележани инфаркти, стентови, други коморбидитети или тоа значи други болести што ја прават ризична анестезијата, односно воведувањето и будењето од анестезија го прават поризично отколку оваа минимално инвазивна процедура, тоа им го овозможува првпат да го направат со комплетно локална анастезија. Кај нас обично прашуваат дали локалната анестезија е онаа во 'рбетниот столб. Не. Тоа е регионална и по тоа мора 24 часа да лежите, од половината надолу, вклучувајќи ги нозете, сте како парализирани, не чувстувате болка, меѓутоа не можете ни да ги движите мускулите. Ова е апсолутно локална. Во што се состои процедурата. Методата се состои во употреба на врела водна пареа, над 100-103 степени бидејќи е под висок притисок, меѓутоа овој генератор ја добива не со топлина, сè е ладно, туку со радиофреквентна енергија, која преку еден рачен уред вие ја испорачувате преку игла на типични зони за што сте биле на обука како и каде треба да боцкате, колку долго итн. и се доведува до изумирање на простатното ткиво, односно она ткиво што смета на проодноста на каналот. Вие тоа го гледате на камера и завршува процедурата. Пациентот за два часа е испишан од болницата. По две недели, почнува изумирањето на ткивото и организмот со своите природни процеси на варење на храната тоа ткиво го отстранува. Не го измокрувате, многумина мислат - ќе мокрам нечистотии, ќе мокрам парчиња, ќе биде морничаво, но не е така. Значи, организмот го вари тоа ткиво со своите природни механизми на лекување, вклучително и варењето на храната. На пример, зрачите некој тумор и го нема веќе. Тоа не значи дека го измокривте туморот, туку тој се стопил, го сварил организмот. Истото тоа се случува и со ова мртво ткиво. И ако имавте еден затворен канал, сега се добива широка јама. Тој период во кој ќе се создаде таа јама, треба да знаат пациентите дека не е утредента, туку треба да поминат од две недели до три месеци. И потоа тоа ќе се одржува во наредните 10 години. Тоа е тоа што е предвидено. Ние реализиравме досега над 100 вакви процедури и од оваа година, бидејќи компанијата организира како нова метода и ги собира светските искуства, поради големата бројка што ја направивме за кратко време, нашите мерливи резултати, во кои се мерење на брзината на протокот, остаточната урина, волуменот на простатата, скорот од збирот на симптоми што ги има пациентот се бодува, се даваат бодови за секој симптом и сето тоа е вклучено во светското искуство за оваа метода. И засега резултатите се одлични.

Кажете ми колку лекарите се обучени, дали само во оваа болница или генерално?

- Компанијата, за овие процедури, бидејќи не се дел од процесот на формална едукација, која се вика специјализација по урологија, за нивните лекари организира задолжителна предлог- обука. Тоа значи првин материјал за читање, полагање писмен дел, ако се квалификувате - центар за обука, имаат референтен центар, веројатно во блиска иднина и ние тоа ќе постигнеме, во тој референтен центар добивате обука гледајќи како хирурзите работат на пациенти. Меѓутоа, тие имаат и тренажер, електронски уред, во кој ја вежбате таа процедура и ве оценува самиот уред како и колку добро ја правите. И кога сето тоа ќе го поминете, меѓународна екипа од експерти од таа област доаѓаат да ве оценат како тоа го правите на пациенти. Да речеме првите три-четири пациенти во еден ден треба да ги оперирате под нивна контрола дека сето тоа го правите како што треба.

Од каде е оваа метода?

- Методата е пронајдок на Boston Scientific, тоа е американска компанија, која вложува исклучително во пронаоѓањето нови работи. Значи, не подобрувањето, ако сега имаме микрофон, за в година имаме подобар микрофон, туку да смисли нешто што нема врска со микрофонот. И затоа е лоцирана во Бостон, каде што е инженерскиот универзитет МИТ, веројатно најдобар на планетава, од каде што се црпат најдобрите научници. И ние користиме многу производи од таа компанија затоа што сè е иновација во многу области. Вклучително и ова, што да кажеме, пред повеќе години беше незамисливо, а денес да се оперира простата и за два часа пациентот да си отиде дома и во наредните години сè да биде во ред. И, вклучително, што е многу битно за оваа процедура, таа процедура е идеална и за млади мажи со многу симптоми.

Која е возраста на лицата што биле подложени на оваа процедура, дали претежно е постара популација или?

Претежно е постара. Меѓутоа, сме оперирале многу пациенти на возраст меѓу 45 и 50 години. Тоа се млади мажи, сексуално активни, во најдобрите години, мислам за работоспособност, на кои работоспособноста им е клучна. Треба да работат, да заработуваат, а да не отсуствуваат од работа. Оваа процедура овозможува и, веројатно не само во урологијата, туку и во хирургијата, дозволува од наредниот ден да работите сè. Да се вратите на работа. Или ако е во локална, уште истиот ден може да отидете на работа. Нема забрана за работа, за кревање тежина. И кај 100 отсто од пациентите самиот производител гарантира зачувување на потенцијата, ерекцијата и што е многу битно - и исфрлањето сперма.

На која возраст е најмладиот пациент?

- На 21 година, не можеше да мокри, имаше над 500 остаточна урина не поради преголема простата, туку поради неправилна форма, што предизвикуваше една преграда, централно поставена, која не дозволуваше правилен тек на урината. И сега излегуваат сè повеќе и повеќе такви случаи затоа што тие досега седеле дома, не знаеле, мислам, немаше лек за оваа работа, немаше процедура и живееја со симптомите. И сега откога се популаризира, вклучително и на овој начин, сите излегуваат наеднаш, кои со години се мачеле. Затоа што ако оперирате на друг начин, поинвазивен, можеби сè друго ќе биде во ред, ќе мокри одлично, ќе има добра ерекција, меѓутоа нема да исфрла сперма. Ова е единствената процедура што овозможува пациентот да се оствари како татко. Тоа е голем напредок.

За крај, Ваша порака до машката популација бидејќи говориме за рак на простатата и проблеми со простатата, меѓутоа и генерално до граѓаните? 

- Препораката е дека треба да дојдат и за секој проблем да се консултираат затоа што се трудиме, сè она што светот го има, да го имаме и кај нас. И не може тие, колку и да се интелигентни, да користат електронски уреди и да читаат апликации сè да знаат. Многумина имаат лесно решлив проблем, меѓутоа не побарале решение. А да не заборавиме, тоа што го кажав и за Словенија, дека иднината на медицината е во превенцијата на малигните болести. Или ако веќе се јават, да се откријат рано. Сè да се заврши со хирургија, да не завршат на онколошки третман. Не дека ја потценувам таа гранка, исклучително е тешка, меѓутоа да се обидеме да го решиме, без да има потреба од таква агресивност, до крајниот стадиум, да ги откриеме во ран стадиум.

Господине Мицковски, јас Ви благодарам за ова интервју. Разјаснивме многу работи и се надевам ќе допреме до граѓаните за поголема грижа за здравјето.

- Апсолутно, се надевам дека ова ќе има само позитивен ефект, не да ги плашиме луѓето. Ви благодарам.

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Андреј Бранковиќ и Срѓан Крстиќ

Остани поврзан