• сабота, 23 ноември 2024

Државниот архив ќе учествува на 35. Саем на книгата

Државниот архив ќе учествува на 35. Саем на книгата

Скопје, 4 мај 2023 (МИА)  - Државниот архив ќе учествува на 35. годишен Саем на книгата, што ќе се одржи од 4 до 10 мај во салата „Борис Трајковски – А1 арена“.

На штандот на Архивот ќе бидат изложени голем избор зборници на историски документи, публикации и материјали. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со работата и активностите на Архивот, како и да откријат интересни и релевантни книги од областа на архивистиката.

Публикациите ќе се продаваат со 30 отсто намалена цена, а овој саемски попуст ќе важи и во просториите на Државниот архив – централен дел, како и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Велес, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и Куманово. Во рамките на Промотивниот центар на саемот планирано е да се промовираат три најнови изданија на Државниот архив, чии автори се истакнати научници.

Промоциите ќе се одржат во следните термини:

5.5.2023 г. во 14:00 часот - „Нико Зупанич и Македонија во 1903 година“, м-р Виктор Габер, 2022 г.

6.5.2023 г. во 10:00 часот - „Албански документи за историјата на Македонија, префектура Дебар (1941 - 1944), том I", проф. д-р Музафер Бислими, 2022 г.

8.5.2023 г. во 13:00 часот - „Македонското прашање во документите на Коминтерната, том 2, дел 1: ВМРО (Обединета) 1925 - 1928 г., зборник на документи“, д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Ленина Жила и проф. д-р Владо Поповски, 2021 г.

9.5.2023 г. во 12:00 часот - „Македонското прашање во политиката на Османлиската Држава (1876 - 1909)“, доц. д-р Аднан Шериф, 2023 г.“ и „Парламентарните избори во Османлиската Држава со посебен осврт на Македонија во 1908 година, 2022 г.“свс/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан