• четврток, 26 декември 2024

Државната секретарка во МВР Несторовска на состанок на Советот за соработка на земјите членки на СЕЛЕК

Државната секретарка во МВР Несторовска на состанок на Советот за соработка на земјите членки на СЕЛЕК
Скопје, 12 мај 2022 (МИА) - Во седиштето на СЕЛЕК во Букурешт денеска се одржа состанок на Советот за соработка на земјите членки на СЕЛЕК, на кој во улога на постојан член на Советот учествуваше и државната секретарка на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Магдалена Несторовска. На состанокот, како што соопштија од МВР, се разговарало за прашања поврзани со работењето на СЕЛЕК во изминатата година. Во текот на расправата од страна на членовите на Советот едногласно бил усвоен Извештајот за работата на СЕЛЕК за периодот 2020 – 2021. Исто така, биле покренати прашања поврзани со финансиското роаботење на СЕЛЕК, при што биле претставени и Финансискиот извештај за 2021 година, Буџетот на СЕЛЕК за 2023 година, како и Петгодишниот план 2022 – 2025 за финансиско работење на СЕЛЕК. Најголем интерес предизвикало прашањето за избор на тројца нови директори во менаџментот на СЕЛЕК. - Значајно е да се напомене дека првпат во 20-годишната историја на СЕЛЕК, се одвива избор на сите менаџмент позиции истовремено. Со свои кандидатури за позицијата генерален директор на СЕЛЕК настапија три земји членки, и тоа Република Србија, Република Албанија и Република Турција. За позицијата директор за правни и финасиски работи беа доставени кандидатури од Република Србија и Република Северна Македонија, а за местото директор за операции беше доставена кандидатура од Романија, се наведува во соопштението од МВР. По претставувањето на кандидатите, членовите на Советот за соработка на СЕЛЕК пристапиле кон тајно гласање, а според добиените резултати, за позицијата генерален директор на СЕЛЕК бил избран кандидатот на Република Турција, Огус Серкант Акин, за позицијата директор за правни и финансиски работи избрана е кандидатката на нашата земја Тања Левајковиќ, додека за позицијата директор за операции беше избран романскиот кандидат Ромулус Никулае Унгуреану. - Повторниот избор на нашата кандидатка Тања Левајковиќ на позицијата директор за правни и финансиски работи, за Министерството за внатрешни работи претставува признание за значајната улога во успешното работење на СЕЛЕК во изминатиот период, потврдувајќи ги притоа заложбите за продолжување, унапредување и зајакнување на успешната регионална соработка на земјите од Југоисточна Европа во борбата против организираниот криминал, се подвлекува во соопштението. Државната секретарка Несторовска се заблагодарила на земјите членки на СЕЛЕК за повторно укажната доверба и поддршка за кандидатката од нашата држава, изразувајќи притоа целосна подготвеност на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и досега, да биде сигурен и доверлив партнер во понатамошните активности на СЕЛЕК. цр/хс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан