• петок, 05 декември 2025

Драмското студио „Миладин“ премиерно на струшката сцена ќе ја изведе претставата „Белото циганче“

Драмското студио „Миладин“ премиерно на струшката сцена ќе ја изведе претставата „Белото циганче“

Струга, 10 мај 2025 (МИА) - Драмското студио „Миладин“ утревечер во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Белото циганче“ од Видое Подгорец, во режија и драматизација на Ристе Миладин.

Белото Циганче - Таруно го игра Максим Тодоровски, во улогата на Баба Мулон е Даниел Спироски, Хенза ја толкува Бранкица Петкоска, Насиха е Мила Бајческа, Рапуш го игра Милан Блажески....

Приказната, според режисерот, е разработена и прилагодена согласно условите на струшката сцена. 

- На почетокот од приказната внесов одбивност на децата од селото кон циганчињата, кои доаѓаат сезонски во селото за да помагаат во жетвата и полските работи, но тоа ќе трае кратко, ќе почнат да ги почитуваат и подучуваат нивните врсници, односно да ги описменуваат. Заедно ќе се дружат ќе нема двоење и разлики меѓу нив, раскажува Миладин за МИА.

На крајот од летото, додаде, кога циганите се подготвуваат за преселба од селото, селаните ќе им најават дека сакаат да го посвојат Таруно, кој меѓу децата беше познат како Белото Циганче. 

- Децата од селото, пак ќе соопштат дека сите селани се согласија циганите да не се преселуваат постојано, да не шетаат низ земјата, заеднички да им изградат бараки да останат тука со нив, за возврат кога ќе им биде потребна работна сила тие да им помогнат, истакнува Миладин.

Интересот за претставата, според режисерот, е голем и распродадени се билетите за две репризи за учениците од основните училишта во Струга.

Проектот е со финансиска поддршка на Министерство за култура. сс/аа/

Фото: Плакат

Остани поврзан