Драмскиот театар оваа година ќе реализира пет претстави за кои е обезбеден буџет од 5.900.000 денари
- Драмскиот театар соопшти дека согласно годишната програма за работа во делот на продукцијата се планираат пет претстави за кои е обезбеден буџет од 5.900.000 денари. Средствата, како што посочуваат од театарот, ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на установата.

Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Драмскиот театар соопшти дека согласно годишната програма за работа во делот на продукцијата се планираат пет претстави за кои е обезбеден буџет од 5.900.000 денари. Средствата, како што посочуваат од театарот, ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на установата.
-Министерството за култура и туризам деновиве ги достави решенијата со кои се утврдува висината на финансиските средства за работа на осумнаесетте национални установи, меѓу кои и Драмскиот театар Скопје. Согласно Законот за култура, годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет, ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор во рок од 15 дена од донесување на решението, по што Министерството и директорот склучуваат договор за финансирање на годишната програма за работа на Националната установа, соопштија од Драмскиот театар.
Како што информираат, првата претстава е „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ од авторот Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ. Станува збор за голем копродукциски проект меѓу неколку ансамбли, членки на Регионалната унија на театри – РУТА - НУ Драмски театар Скопје, Местниот театар Љубљана – МГЛ, Белградскиот драмски театар – БДП и „Град театар“ од Будва. За копродукцијата е предвидено финансирање од 2.000.000 денари.
За новата постановка на култната „Болва во уво“ на Жорж Фејдо во режија на Синиша Ефтимов се планира вкупна сума од 1.300.000 денари.
Исто така, ќе се реализира и претставата „Куршуми над Бродвеј“, која е адаптација по филмот на Вуди Ален во режија на Ненад Витанов, а во вкупен износ од 1.200.000 денари.
Драмскиот театар соопшти дека оваа година ќе се реализира и претставата „Ифигенија за ништо“, адаптација по текст и режија на Филип Петковски со вкупна сума од 850.000 денари, како и претставата „Чворот на Гидон“ од авторот Џон Адамс во режија на Драгана Милошевска Попов, која ќе се реализира со вкупна сума 550.000 денари.
-Во годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам во делот на организација на манифестации и годинава е планиран фестивалот РУТА. Четвртото издание на фестивалот на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар Скопје од 25 до 30 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари, потенцираат од установата.
Како што појаснуваат во соопштението, за ставката меѓународна соработка што ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство, се планирани средства во висина од 2.000.000 денари.
Во делот на издавачка дејност на Драмски театар Скопје, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмска програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За издавачка дејност се планирани 150.000 денари.
Годишната програма на НУ Драмски театар Скопје, согласно законската обврска е јавно објавена на веб-страницата на театарот.
Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. бт/аа/
Фото: МИА Архива