• вторник, 23 јули 2024

Драган Ѓорѓевиќ Сузуки на виолончело и Дино Имери на пијано вечерва на „Охридско лето“

Драган Ѓорѓевиќ Сузуки на виолончело и Дино Имери на пијано вечерва на „Охридско лето“

Охрид, 21 јули 2024 (МИА) – На понудата на музичката програма на „Охридско лето“ денеска е целовечерниот концерт на српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, во пијано придружба на нашиот пијанист Дино Имери.

Професионалната критика го оценува Драган Ѓорѓевиќ како една од најоригиналните уметнички личности на неговата генерација. Именуван како еден вид српски амбасадор на виолончелото, Драган е основач на ансамблот „Вива Чело“ и на фестивалот „Раванелиус“, ко-основач e на квартетот „Рубикон“ и уметнички раководител на „Чело фест“ во Белград.

Роден во Србија, на шестгодишна возраст започнува да изучува музика и виолина по методата Сузуки во Специјализираното музичко училиште за талентирани деца во неговиот роден град Ќуприја, а по само две години го менува инструментот и започнува да учи виолончело со проф. Реља Ќетковиќ. По студиите на ФМУ во Белград, го продолжува образованието на „Гилхол“ школата за музика во Лондон во класата на проф. Стефан Попов, а потоа и на Високата школа за музика во Есен (Германија) кај виолончелистот Јонг Чанг Чо од Кореја.

На млада возраст е именуван за професор по виолончело на ФМУ во Белград, каде паралелно со педагошката кариера континуирано се усовршува со челисти и музичари како:  Миша Мајски, Борис Пергаментчкиов, Давид Григориан, Тобиас Куне, Давид Такено, Станислав Аполин и со камерните ансамбли „Велингер“, „Такач“, „Мелос“ и квартетот „Албан Берг“.

Лауреат и добитник на награди е на натпреварите за виолончелисти „Антонио Јанигро“, натпреварот на Музичка младина во Белград, како и на натпреварот „Орфеус“ и во Макрнеукирхен.

Како солист и камерен музичар настапува во Европа, САД и Кина, на реномирани фестивали како Би-Би-Си Промс, фестивалот на градот Лондон, фестивалите „Енеску“, „Сион-Вале“, „Охридско лето“, „Чело фест“ и „Бемус“ во Беград, „Котор-Арт“ и др. Настапува со Белградската филхармонија, камерниот оркестар „Амаде“, Радио оркестарот на Романија, оркестарот на РТВ Словенија, камерниот оркестар во Бамберг, Македонската филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар со уметници како Џулијан Рахлин, Итамар Голан, Емил Табаков, Клеменс Шулдт, Ен Шао, Минчо Минчев, Алена Баева, Немања Радуловиќ, Роман Симовиќ, Франческа Дего, Џон Адамс, Лесли Хауард и многу други.

Во 2011 година на покана од Валериј Гергиев, Драган Ѓорѓевиќ е гостин-водач на секцијата виолончела на оркестарот на театарот „Марински“, одржува рецитал во концертната сала на овој театар, ја освојува наградата на Загрепската концертна агенција, и со квартетот „Рубикон“ настапуваат на Фестивалот на градот Лондон.

Посветен на педагошката кариера,  Драган е редовен професор на ФМУ во Белград, а одржува мајсторски курсеви во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија и другите балкански  држави. Свири на инструмент изработен од Џејмс и Хенри Бенкс во 1797 година.

Дино Имери или „волшебникот на пијаното” (според францускиот OPS Magazine) е еден од најреномираните македонски пијанисти и професори. Со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот, а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката и критиката.

Прогласен е за Најдобар уметник на УКИМ (признание кое се добива еднаш во кариерата) и рангиран е во десетте најдобри европски пијанисти. Лондон, Рим, Кан, Стразбург, Бари, Љубљана, Загреб, Белград, Софија се само дел од градовите вклучени во богатата концертна агенда каде Имери го прикажал својот “рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и неверојатна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет” (Е. Дочева, Kultura.bg), а соработува редовно со еминентни оркестри, диригенти, инструменталисти, пејачи, мултимедијални артисти и други. Со преку петнаесет години блескава концертна дејност позади себе, Дино Имери го пренесува своето знаење и искуство на младите како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ. Членува во бројни стручни меѓународни комисии и жирија, а за својата хуманитарна дејност се здобил со признанието “Св. Мајка Тереза”. “Името на Дино Имери е запишано со златни букви” (В. Костоска Пенева, музиколог) во современата македонска и светска пијанистичка историја.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се дела на Бетовен, Шнитке, Шуман и Рахмањинов. аб/цр

Фото: Охридско лето

Остани поврзан