• сабота, 28 декември 2024

До Обвинителството нема доставено документ дека Васко Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, реагираат од Обвинителството на изјавата на Тошковски

До Обвинителството нема доставено документ дека Васко Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, реагираат од Обвинителството на изјавата на Тошковски

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) – До Обвинителството и предметните обвинители до денеска нема доставено документ дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, реагираат од Основото јавно обвинителство на изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој претходно денеска рече дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра. 

Од Обвинителство, посочуваат дека во моментот кога ОЈОГОКК ќе добие известување дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во поглед на мерките за обезбедување.

Обвинителството појаснува дека МВР вчера до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК доставило Известување за постапување по сите 77 наредби за претрес издадени од Основниот кривичен суд – Скопје во кое, во точката што се однесува на наведениот осомничен е наведено дека тој во моментот на претресот не бил пронајден на домашната адреса и не бил забележан подолг период од страна на соседите.

-Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба најпрво да го извести судот кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Доколку притоа се утврди дека лицето е недостапно, судот известувањето на МВР ќе го достави на запознавање во случајов до ОЈО ГОКК и ќе побара Обвинителството да се произнесе во однос на предлогот за определување на мерките на обезбедување. До денес, Основниот кривичен суд – Скопје нема доставено ваков документ до Обвинителството и предметните обвинители не можат прескокнувајќи постапки и институции да носат предлози или одлуки надвор од нивните законски овластувања, се посочува во соопштението од Обвинителство.  

Во меѓувреме од Основниот кривичен суд во Скопје информираа дека Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против В.К. од 11 декември 2024 година за  истрагата за предметот од Обвинителството „Адитив“, денеска по добивање на известување од надлежното МВР за неговата достапност, донел решение со кое го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост, со оглед дека осомничениот не е достапен за органите на прогон.

Решението на Кривичниот суд, како што се наведува, ќе биде доставено до странките во постапката.

Министерот за внтарешни работи Панче Тошковски претходно денеска изјави дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра. 

- Од наша страна се преземени сите потребни дејствија во насока на информирање на Јавното обвинителство. ЈО е известено и писмено и усно во однос на лицето кое го споменувате, но на жалост, јавниот обвинител кој ја водел постапката во рамки на ОЈО ГОКК оценил дека не треба да бара најстрога мерка согласно одредбите од ЗКП, иако ако мене лично ме прашате, малку сум вчудоневиден како за лице кое е недостапно за органите на прогон, а е вклучено во рамки на криминал првично на околу 6,5 милиони евра, ЈО не побара таква мерка само за тоа лице. Инаку, другите сите кои беа поранешни функционери се моментално во притвор, рече Тошковски. аа/мд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан