• четврток, 26 декември 2024

До крајот на годината жителите на Општина Илинден ќе добијат нов современ Здравствен дом на местото на старата амбуланта

До крајот на годината жителите на Општина Илинден ќе добијат нов современ Здравствен дом на местото на старата амбуланта

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) – До крајот на годината жителите на Општина Илинден ќе добијат нов Здравствен дом, кој ќе пружа здравствени услуги за околу 30 000 жители на оваа и на соседната општина Петровец. Министерот за здравство Арбен Таравари и заменикот-министер Јовица Андовски заедно со градоначалникот на општината Александар Георгиевски денеска извршија увид во градежните активности за изградба на новата зграда на Здравствениот дом во општина Илинден.

Министерот Таравари истакна дека новата амбуланта е заеднички проект на Општина Илинден и на Министерство за здравство, на кој се работи интензивно и треба да биде завршен пред Нова година, а ќе им овозможи на сите граѓани коишто живеат во оваа и во соседната Општина Петровец, околу 30 илјади граѓани, да добиваат здравствени услуги.

-Во почеток би почнале со општа медицина – општи доктори и во меѓувреме ќе видиме уште од сега ако можеме да најдеме концесионер евентуално педијатар, општ интернист, специјалист гинеколог, коишто би ги опслужиле сите граѓани во овие две општини. Се надевам дека пред Нова година ќе бидеме сите заедно тука и ќе го видиме објектот опремен и со медицински персонал внатре, рече Таравари.

Градоначалникот Георгиевски напомена дека претходно на ова место се наоѓала стара амбуланта изградена пред повеќе од половина век и била во многу лоша состојба.

-Десетина години наназад на граѓаните  во Општина Илинден едно од основните барања им беше изградба на нов здравствен дом. Беше многу ветувано претходно, но не беше реализиран. За таа цел, на моја лична иницијатива како градоначалник се изработи комплетно нов проект и заедно со претходниот министер за здравство Меџити потпишавме договор каде што оваа амбуланта требаше да се започне во најбрзо можно време. Во декември го потпишавме договорот, веќе во април започнавме со подготвителните активности, а во мај и со градежните активности. Како што можете да видиме, многу брзо се реализира инвестицијата. Очекуваме дека до крајот на годината ќе биде завршен.

Откога ќе се заврши комплетно објектот го презема Министерството за здравство, односно Здравствениот дом Скопје којшто ќе го стопанисува.

-Се надеваме дека со изградба на овој здравствен дом граѓаните на општина Илинден ќе добијат многу повеќе услуги од оние услуги што ги имаа претходно, како општа медицина, дежурства, лаборатории, офталмолози, гинеколози итн., за што искрено се надеваме дека во соработка со Министерството за здравство и Здравствен дом ќе ги добиеме во најбрз можен рок се со цел овие жители коишто живеат на оваа територија да ги добиваат услугите тука затоа што општина Илинден е брзорастечка општина, нагло се зголемува населението, а исто така можеме да пружиме услуги на соседната општина Петровец која е многу блиску и со која заедно броиме некаде околу 30 илјади граѓани, рече градоначалникот Георгиевски.

Вредноста на договорот за јавна набавка е 16 милиони денари, од кои со подеднавки средства од по 8.000.000 денари учествуваат Министерството за здравство и Општината Илинден. Новиот здравствен дом ќе зафаќа бруто површина од 600 м2, ќе биде изграден на два ката и во него ќе има 14 ординации. Покрај основната здравствена заштита ќе се обезбедат и други специјалистички здравствени услуги. вг/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан