• петок, 20 декември 2024

Донација на вода за пиење од Општина Пехчево за Општина Берово

Донација на вода за пиење од Општина Пехчево за Општина Берово

Пехчево, 29 ноември 2024 (МИА) - Донација на вода за пиење наменета за Општина Берово денес дистрибуираа вработени во Општина Пехчево, информираше градоначалникот на Пехчево, Александар Китански. 

-Дел од донацијата на вода, која беше донирана од страна на „Кожувчанка ДОО“ Кавадарци на Општина Пехчево за време на пожарите, денеска беше донирана на дел од институциите во Општина Берово од страна на Општина Пехчево.  Во Општина Берово водата не е дозволена за пиење и готвење и се користи само како техничка вода, па донацијата би им била од голема помош на институциите во кои е донирана, информираше Китански.

Донацијата како што додаде е распределена за установи на кои истата им е повеќе од неопходна.

-Истата беше дистрибуирана во Домот за стари лица Д-р Иван Влашки, Детската градинка 23 -ти Август, Дневен центар за лица со посебни потреби и Мал групен дом. Ја користиме приликата да изразиме благодарност до општествено одговорни  компании Требомир ДООЕЛ увоз – извоз - Пехчево и „Малеш – пелети“ - Пехчево што  овозможија полесен и побрз транспорт на водата, додаде пехчевскиот градоначалник.

Во Берово со Решение на Агенцијата за храна и ветеринарство  – Сектор за инспекциски надзор ПЕ – Берово од 12 ноември 2024 година водата од градскиот водовод е дозволена за користење само за техничка употреба. Согласно направените анализио дозволеното нормално присуството на манган во водата за пиење треба да изнесува 0,05, додека во добиените резултати за водата во Берово е зголемена  на 0,11, што е нешто што за прв пат е констатирано по анализите на водата од водоводниот систем во Берово. вс/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан