• понеделник, 13 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ДОМ на конгрес на граѓанското движење УРА во Црна Гора

ДОМ на конгрес на граѓанското движење УРА во Црна Гора

Скопје, 8 јули 2025

Ко-претседателката на Демократска обнова на Македонија (ДОМ), д-р Ана Угринска, и секретарот за меѓународна соработка, Ервин Реџепагиќ, учествуваа на десеттиот конгрес на граѓанското движење УРА, кој се одржа изминатиот викенд на Ловќен, Црна Гора.

Присуството на Зелената партија ДОМ на овој значаен политички собир ја потврдува силната заложба на партијата за градење регионални партнерства со прогресивни, граѓански и зелени сили на Западен Балкан. Конгресот беше посветен на визијата за поинаков Балкан, кој е отворен, демократски и еколошки одржлив.

„ДОМ верува во политичка сцена која се темели на принципи, а не на привилегии. Регионалната соработка со сестрински партии како УРА е клучна за создавање простор каде здравјето, правдата и животната средина ќе бидат пред интересите на моќта и профитот“, порача ко-претседателката д-р Угринска.

На конгресот свое обраќање имаше Ервин Реџепагиќ од ДОМ, кој ја нагласи важноста од регионално поврзување на прогресивните движења.

„Граѓанското движење УРА е пример дека политиката може да биде поинаква – одговорна, храбра и отворена. Вие докажувате дека е можно да се каже НЕ на корупцијата, НЕ на насилството врз природата и ДА за соработката, знаењето и европските вредности. Истото го настојуваме и ние во Македонија, преку соработка со цивилното општество, зелените иницијативи и прогресивните политичари“, рече Реџепагиќ.

Тој додаде дека во време на зголемени политички и еколошки закани, токму ваквите движења претставуваат точка на надеж.

„Во регион кој предолго живее под сенката на поделби, национализам и кратковиди политики, ние – прогресивните, зелените и граѓанските сили – имаме задача да покажеме дека Балканот може и поинаку. Не ни треба уште еден лидер со силна рака, туку силна заедница со јасна визија“, порача Реџепагиќ.

Освен Реџепагиќ, свое обраќање на Конгресот на УРА имаа и ко-претседателот на Европската зелена партија, Киран Кафи, премиерот на Албанија, Еди Рама,  ко-претседателот на Зелено-левиот фронт на Србија, Радомир Лазовиќ, Аднан Дедиќ од Странката за БиХ, Тара Скали од Зелените на Холандија, Владимир Павичевиќ од Платформата за Србија, претседателот на ДНП, Милан Кнежевиќ, пратеникот на „Европа сега“ Милош Пижурица, потпретседателката на Демократите Драгана Кажанегра Станишиќ, претседателот на СНП и министер Владимир Јоковиќ, Јасмин Ќоровиќ од Бошњачката партија, потпретседателот на Владата и лидер на Албанска алтернатива Ник Ѓељошај, градоначалникот на Улцињ, Генци Ниманбегу, Сеад Шахман од Бошњачкиот демократски покрет, Срѓан Павиќевиќ од ЦИВИС и многу други. Нивното присуство ја потврдува важноста на зелената и прогресивна соработка во регионален и европски контекст. Преку заеднички визии и вредности, овие лидери испратија силна порака за иднина изградена врз правда, солидарност и одржлив развој.

ДОМ високо ја цени улогата на УРА како предводник на прогресивната, еколошка и демократска визија за регионот. Воедно, ДОМ ја препознава и поддржува борбата за праведна транзиција, заштита на јавното добро и враќање на достоинството во политиката – поддршката и тесната соработка остварена меѓу Зелената партија ДОМ и УРА низ годините продолжува уште позасилено во периодот што следи. Како дел од заедничкото европско семејство на зелени партии, уверени сме дека преку соработка, солидарност и цврсти вредносни позиции можеме да го трансформираме Балканот во простор на можности, а не поделби, простор каде гласот на граѓаните, природата и иднината ќе биде поважен од интересите на минатото.

Демократска обнова за Македонија

Фото: ДОМ

______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан