• вторник, 24 декември 2024

Долгото чекање термини во јавното, ги „брка“ пациентите кон приватното здравство

Долгото чекање термини во јавното, ги „брка“ пациентите кон приватното здравство

Скопје, 25 февруари 2024 (МИА) - Долгото чекање за да се дојде до закажаниот термин за специјалистички прегледи во јавното здравство, честопати поради итноста на болеста, ги принудува пациентите да побараат помош преку пријатели за побрзо да го направат потребното снимање, а дел од нив „спасот“ го бараат во приватното здравство каде услугите се поскапи.

На секој вработен, од платата секој месец му се одземаат по 7,5 проценти за здравствено осигурување, но сепак во одредени ситуации секој е принуден да побара здравствена заштита во приватното здравство поради неможност да најде термин во јавното здравство. 

Има пациенти, кои и за основни специјалистички прегледи одат во приватните клиники затоа што за првиот слободен термин во јавното здравство треба да чекаат од една до неколку недели, а со месеци се чека за компјутерска томографија или за ПЕТ скен (Позитрон емисиона томографија).

Според Здравственото осигурување бројот на посетите на кабинетите на општите доктори и специјалистите, се намалил за  дури 40 проценти, вклучувајќи ги и телефонските консултациите, јави допис

Пациентка која имала проблем со покачен крвен притисок требала да биде упатена на специјалистички преглед, но првиот слободен термин бил дури по три недели. Загрижена за својата здравствена состојба, а поради неможноста да оствари здравствена услуга во јавното здравство, одлучила да закаже преглед кај лекар од приватното здравство.

-  Имав покачен крвен притисок и покрај терапијата што пред една година ми ја препиша специјалист интернист. Притисокот не се симнуваше три-четири дена. Се јавив кај матичната да ми даде упат кај истиот лекар кој нели ме води, но ми кажа дека термин може да ми закаже за три недели. На прашањето „што да правам три недели“, ми рече дека ќе ми напише упат, па ако сака специјалистот да ме прими, но без гаранција дека тоа ќе се случи. Поради загриженост за состојбата и постојаниот висок притисок, иако веќе примав терапија, одлучив да заминам на приватен преглед следниот ден, вели пациентка од Скопје.

И пациенти со хронични болести кои треба да прават редовни контроли, долго чекаат за термин за контрола затоа што понекогаш специјалистот не им закажува термин за следната контрола, туку ги враќа тоа да го сторат преку матичните лекари. Пациент од Скопје кој има заболување на срце сведочи дека понекогаш чека со месеци за следниот преглед, а доколку не може да најде термин, бара приоритетен упат за да ја направи редовната контрола. 

Во слична ситуација се и онколошките пациенти кои укажуваат дека поради немањето термин се губи драгоцено време, па понекогаш се принудени потребните испитувања да ги направат во приватните здравствени установи каде услугите се поскапи. 

- Ќе тргнам од себеси. Како онколошки пациент пет години, еко и мамографија правам исклучиво приватно. Прво затоа што и верувам на докторката, а второ кај оние докторки кај кои ми беше препорачано, немаше термин. Тоа е постојан проблем. Каде се јавува уште поголем проблем. Мамографијата и ехо на дојка е нешто што е поевтино и сите ние можеме да си дозволиме на шест месеци или еднаш годишно да одиме приватно, но скен на коски, ПЕТ скен, компјутерски преглед, во приватните клиники цените се навистина високи. Познавам пациентки кои земаат кредит или позајмуваат пари доколку докторот сугерирал или се сомневал во нешто и рекол ова мора да се направи побрзо. И секој на кого животот му е доведен во прашање ќе најде начин да се снајде за да направи преглед на приватно ако тоа значи навремено добивање на дијагноза и терапија, вели Ана Марјановиќ. 

Проблемот со пациентите кај кои веќе е дијагностицирана болеста, според Марјановиќ, би се надминал со тоа што во моментот кога се прави контролата,  веднаш се закажува термин за следната контрола.   

И претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова, се согласува со тоа дека специјалистите сами треба да ги закажуваат контролните прегледи кај пациентите со хронични болести. 

- Мора да се направат неколку моменти. Прво специјалистот да си го закаже сам контролниот преглед. Има опција ако е некој итен случај, специјалистите сами да креираат термин. За ехо на дојка и мамографија направен е посебен начин на упатување, но имаме случај кај пациентка со наод пратена по сите протоколи како што вели Министерството за здравство, најдено е чворче на дојка, а специјалистот од Скопје ја враќа назад кај матичната докторка за упат за биопсија. Зошто да се враќа пациентката. Новиот начин го правивме за да нема враќање по градови, вели Чолакова-Дервишова. 

Итноста на дијагнозата, според Чолакова-Дервишова, некогаш ги принудува пациентите да побараат помош во приватното здравство кое, како што вели, е брзо, ефикасно, но и поскапо.

Здружението на приватни лекари денеска побара од Министерство за здравство да го измени решението матичните лекари во Дебар да прават и крвни анализи на 10 проценти од нивните пациенти.

 - Точно е тоа дека се губи многу време за одредени   дијагнози. Ако отидете во една од реномираните приватни   болници, ќе добиете дијагноза, ќе добиете грижа и пристапот во приватното здравство е многу почовечен, похуман. Навистина е поскапо, но многу брзо се доаѓа до   дијагноза, додека во јавното здравство платата е загарантирана и моментот на грижа кон пациентот е  опаднат, оценува Чолакова-Дервишова.

Таа се согласува со тоа дека платите на здравствените   работници во јавното здравство треба да се поголеми, но смета дека малку поголема треба да е и грижата кон пациентите. Причините за проблемите во јавното здравство, според Чолакова-Дервишова, се лошото менаџирање со јавните здравствени установи низ годините.

 - Секој министер треба да се запраша како може една приватна болница да е рентабилна и да има врвни апарати и како може во јавното здравство парите од Фондот да одат за покривање на дупките во јавното здравство, вели Чолакова –Дервишова.

Од Министерството за здравство велат дека прават напори за да има доволно термини за пациентите.Според заменик-министерката за здравство Маја Манолева, за магнетна резонaнца на Институтот за радиологија, како институција од терцијалното здравство, се воведени т.н. урнеци за термини за одредени пациенти кои се упатуваат од друга институција. 

-  На пример, пациенти од Онкологија имаат свои термини во вкупниот број на термини на Институтот за радиологија или пациенти од дигестивна хирургија или неврохирургија. Практично, сите термини што се на Институтот за радиологија се за институции од другите клиники односно за институции од секундарното ниво на здравствена заштита со цел лекарите специјалисти да можат полесно да ги испратат пациентите на кои сметаат дека им е потребна соодветна дијагностичка процедура, вели Манолева. 

Според неа, евентуалното рефундирање на средствата во ситуација кога поради немање термин пациентите се принудени да одат по приватните клиники, е комплексна тема која опфаќа повеќе сегменти од функционирањето на здравствениот систем и потребен е мултисекторски пристап. 

-Потребен е широк мултисекторски пристап во разгледувањето на овој начин на рефундирање на средствата од сите аспекти со цел изнаоѓање на најоптимално решение кое би било издржливо пред се за Фондот за здравствено осигурување, за Министерството за здравство, Министерството за финансии, вели заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

Во Законот за здравствено осигурување, член 8, стои дека на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги во примарното, секундарното и терцијалното ниво под услови утврдени со овој закон.

-  Испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба и спроведување на специјалисзирани дијагностички, терапевски и рехабилитациони постапки, се дел од работите што се наведени во делот на секундарно-консултативната здравствена заштита во член 8 од Законот за здравствено осигурување.

Блаже Дарудов

Билјана Анастасова-Костиќ

Фото и видео: МИА/МИА архива

-  Со овој текст МИА се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Остани поврзан