• сабота, 23 ноември 2024

Додик: Судскиот процес против мене е судски процес против Република Српска

Додик: Судскиот процес против мене е судски процес против Република Српска

Бања Лука, 5 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека политиката игра голема улога во процесот што се води против него во Судот на Босна и Херцеговина.

„Нивните намери се очигледни, политиката ја игра главната улога во оваа постапка. Ова е политички процес за Република Српска“, рече Додик по напуштањето на Судот на Босна и Херцеговина.

Тој рече дека Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска го прочитало обвинението против него, иако требало да биде напишано ново обвинение.

Додик додаде дека „ја чувствува атмосферата на линч“ во Судот на Босна и Херцеговина, но дека ќе продолжи да се бори да докаже колку е сето тоа апсурдно.

Тој смета дека судскиот процес против него е спорен и затоа што сите судии во постапката се Бошњаци, додавајќи дека особено е спорно што новата судијка во постапката против него Сена Узуновиќ била политички ангажирана.

Адвокатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, Горан Бубиќ изјави дека Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска го прочитало обвинението против Додик, со кое судијката направила процедурални грешки, поради што ќе се бара нејзино изземање.

Додик беше обвинет од Обвинителството на Босна и Херцеговина за неспроведување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, што е кривично дело според Кривичниот законик на Босна и Херцеговина. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан