• петок, 27 декември 2024

Доделување грантови во рамки на проектот СМАРТ Балкан во „Јавна соба“

Доделување грантови во рамки на проектот СМАРТ Балкан во „Јавна соба“

Скопје, 28 април 2023 (МИА) - Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП информира дека денеска, со почеток во 10:30 часот, во „Јавна соба“ ќе се одржи церемонија за доделување грантови на граѓански организации, правни субјекти и неформални групи во рамки на проектот СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.

- Церемонијата за доделување на грантови е наменета за формално претставување на корисниците на грантови во рамки на јавните повици за Локални иницијативи, грант Креативна кутија и Медиумски грант. Фокусот на поддржаните проекти ќе биде насочен кон тематските области на проектот, односно безбедност, стабилност и управување, известуваат од ЦИКП.

Оттаму посочуваат дека проектот СМАРТ Балкан, е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка со грант од над 17 милион евра. Тој тековно се спроведува од почетокот на 2022 година од страна на конзорциумот на организации: Центар за промоцију цивилног друштва (ЦПЦД), како водечки партнер, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија.

- Главната цел на проектот е да придонесе кон зајакнување на партиципативните демократии и евроатлантските интеграции во Западен Балкан преку јакнење и поттикнување на граѓанските организации (ГО) и мрежите на ГО за посилна и поактивна улога во процесот на создавање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, соопштуваат од ЦИКП. ир/вг/

 

 

Остани поврзан