Доделени 250 стипендии на најуспешните спортисти во Општина Бутел
- Општина Бутел по повод 20 години од своето формирање додели 250 стипендии на најуспешните спортисти од општината, кои вчера им ги врачил градоначалникот Дарко Костовски.

Скопје, 13 јуни 2025 (МИА) - Општина Бутел по повод 20 години од своето формирање додели 250 стипендии на најуспешните спортисти од општината, кои вчера им ги врачил градоначалникот Дарко Костовски.
-Беа доделени рекорден број стипендии, во транспарентна постапка, со објавен Јавен повик. Стипендиите се поделени во шест категории: прва категорија – во времетраење од една година, во износ од 12.000 денари месечно; втора категорија - во времетраење од една година, во износ од 8.000 денари месечно; трета категорија - во времетраење од една година, во износ од 5.000 денери месечно; четврта категорија - еднократно, во износ од 24.000 денари; петта категорија - еднократно, во износ од 10.000 денари; шеста категорија - еднократно, во износ од 6.000 денари, информира Општина Бутел.
Од општината потенцираат дека локалната самоуправа „инвестира во спортот како никогаш досега и се грижи за развојот на сите спортови“.
-Општина Бутел е единствената општина што на ваков начин ги поддржува спортистите и доделува 250 спортски стипендии. Доделувањето на финансиски средства го поттикнува напредокот во спортот и ги мотивира спортистите да постигнуваат врвни резултати. Градоначалникот Дарко Костовски упати честитки на сите спортисти и изрази надеж дека некои добитници на стипендиите ќе ги повторат успесите на Дејан Георгиевски, Елиф Елмас и Шабан Трстена, се наведува во соопштението од општината. хс/
Фото: Општина Бутел